Силата на врската не се наоѓа во идеалната рамнотежа помеѓу давањето и примањето, туку во спремноста да се вложи малку повеќе — било од љубов, разбирање или желба за поврзување.
На прв поглед, концептот на правда звучи логично, дури и благородно. Што може да биде подобро од стремежот работите да се одвиваат на правичен начин?
Меѓутоа, по 34 години искуство и преку 42.000 клинички часа советување, психологот Џефри Бернштајн, автор на седум книги, истакнува: „Терминот ФЕР честопати станува тивка, но силна изјава против здравите врски“.
„Слушајте внимателно. Проблемот не е во самата концепција на правдата, туку во начинот на кој ја перцепираме — ригидно, субјективно и преку нашите сопствени очекувања. Кога велиме: „Сакам да биде фер“, всушност значи: „Сакам да добијам она што сметам дека го заслужувам“. Тоа е замката на правдата“, додава тој.
Правдата е моќна ментална кратенка што ја користиме за брзо да процениме што е добро, а што лошо, кој дава доволно, а кој не.
Таа е интуитивна и емоционална, дејствувајќи во моментот. Но, како и сите кратенки, може да доведе до грешки.
Истражувањата покажуваат дека чувството на неправда предизвикува силни емоционални реакции, вклучувајќи лутина и вознемиреност. Но, важно е да се разбере: она што го сметаме за праведно не е секогаш објективно. Тоа зависи од нашите лични перцепции — колку сме вложиле и колку мислиме дека другите добиваат.
„Го забележувам тоа низ сите аспекти на животот: во родителството, во врските, на работното место. Често слушам фрази како „тоа не е фер!“ од деца кои реагираат емоционално“, вели д-р Бернштајн.
Ретко го разгледуваме сè она што не можеме да видиме: неискажан труд, ментални напори, различни животни околности или едноставно — различен стил на изразување на загриженоста.
Наместо да правите пресметки, запрашајте се:
– Дали ова функционира за нас двајцата?
– Дали го цениме она што секој го носи во врската?
– Дали моите очекувања се јасни или само тивко ги собираам?
Проблемот не е во правдата, туку во приврзаноста кон неа. Кога „она што е фер“ станува поважно од поврзаноста, комуникацијата и сочувството, тогаш таа тенденција станува тивок отров за врската.
Животот не е како математичка равенка, а врските не се само книговодство. Силата на врската лежи во волјата да се даде повеќе — од љубов, разбирање и желба за поврзување.