Заврши 21-иот „Астерфест“

Со проекција на пет наградени филмови, на 8 август заврши 21. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, коешто се одвиваше под мотото „Со отворени очи“.

По свеченото отворање од градоначалникот Петар Јанков, на самиот почеток, лауреатката Синоличка Трпкова ја прими наградата „Астер“ од претседателот на „Астерфест филм фестивал“, читајќи ја беседата „Ода за уметникот“.

Во текот на петдневните чествувања во знакот на филмската уметност, во преполниот Амфитеатар беа прикажани 20-ина кусометражни филмови. Покрај натпреварувачката, имаше и ревијална долгометражна програма во која специјални проекции имаа „Версус: филмовите на Кен Лоуч“ на Луиз Осмонд, „Железна тврдина“ на Митко Панов, „Филм до вжештување“ на Дарко Баиќ и „Жртвопринесување“ на Андреј Тарковски.

Гостите имаа Тивериополска филмска посета на Манастирот во Велјуса, а се одржаа и промоција на филмска литература и авторска средба низ прашања и одговори од публиката.

Жири-комисијата, составена од Теа Китаришвили, Бернард Дичек и Ана Витанова-Рингачева, едногласно одлучи и ги соопшти наградите за најдобрите филмови.

Гран-при за најдобар краток филм го понесе „Неми филмови“ на Крсте Господиновски, во македонско-романска копродукција. „Златна потковица“ му припадна на „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, во чешко-македонско-британска копродукција. „Сребрена потковица“ отиде во рацете на данскиот „Душа птица“ на Тобијас Кампан, а со „Бронзена потковица“ се закити Маријам Бакачо Хачвани за грузискиот „Земјата на мажите“.

За најдобар режисер со наградата „Ацо Алексов“ беше прогласена Елвира Барбоза за францускиот филм „Франсин, исток-запад“, а наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ отиде кај Бранко Костески за македонскиот краток филм „Остров“. Специјални признанија од жирито добија и јужнокорејскиот „Разденување“ на Хе-о Парк и бугарскиот „Оџачарот“ на Настимир Цачев.

Најголем број гласови од публиката освои канадскиот оскаровец „Девојчето што ронеше бисери“ на Крис Левис и Мациек Шчербовски, а нововостановената награда за најдобра женска улога „Зора Георгиева“ ѝ припадна на британската актерка Софи Томпсон во филмот „Нешто бесмислено“.

Фестивалот продолжува со намерата да го афирмира светскиот авторски филм, но и дела од македонската кинематографија. Овогодишниот „Астерфест“ беше поддржан од Агенцијата за филм на РС Македонија и од Општина Струмица.