Имплементирање на системот „безбеден град“, парична и затворска казна за „безобѕирно возење“, одземање на возилата, тестови за дрога на лице место, автоматско евидентирање на нерегистрираните возила, поврзување на системите на МВР, судовите и обвинителствата за брзи санкции… но и семејството, како што е фактор на превенција, е и фактор на ризик и затоа образованието треба да го надополни она што семејството ќе го пропушти, бидејќи општата некултура, се рефлектира и во сообраќајот.
Ова се дел од пораките од јавната расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот, што се одржа вчера во Собранието во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во расправата учествуваа претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, судии, јавни обвинители, невладини организации, медиуми и останати општествени чинители. Не се вклучија пратеници, а нејзино продолжение на кое ќе бидат посочени заклучоци ќе биде дополнително закажано.
Министерот за правда Игор Филков, информираше дека министерствата за правда, за внатрешни работи, – судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во контекст на овој процес, формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
– Новите измени и дополнувања во Закон за прекршоци ќе вклучуваат: Посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city). Овој систем ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата, најави министерот за правда.
За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд, а во случај на сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот, вели тој, ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола. Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, нагласи дека случајот со Фросина Кулакова не потсетува и на една горчлива вистина дека во текот на 2024 година изгубивме 142 животи во сообраќајни несреќи.
Еден од проблемите во сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Овој систем на компромиси и полу правда мора да биде разбиен и да се воведе систем на ефективна контрола и строги санкции, особено за рецидивистите.
-За тоа е потребна институционална вмреженост која овозможува навремена и ефикасна размена на податоци. Токму затоа како Влада работиме на итна дигитализација и интероперабилност на системите за сите податоци да бидат автоматски достапни на институциите за да не може никој да избега од одговорност. Ова не е само административна промена туку суштинска реформа што ќе донесе вистинска ефикасност и транспарентност на системот. Но ако сакаме вистина ефикасност треба да погледнеме и во себе. Да се запрашаме колкумина од нас седнуваат зад волан после испиени неколку чашки алкохол. Колкумина возат побрзо од дозволеното, колкумина даваат на гас кога ќе светне жолто светло на семафорот наместо да кочат, колку татковци гордо се фалат дека нивните синови научиле да возат автомобил пред да положат возачки испит, колкумина од нас кога ќе направат прекршок прво бараат пријател кој ќе им ја скине казната, вели министерот.
Фокусот не смее да биде само на законите, на заострување на казните туку во градење на систем кој како што рече, ќе овозможи конкретно елиминирање на неказнивоста. Тој нагласи дека е потребно да се обезбеди дека санкциите се спроведуваат доследно и континуирано, а не само периодично при засилени акции на МВР кога е зголемен фокусот на јавноста, што може да се постигне со дигитализација и автоматизација.
Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на бул. „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.