Скопје е првата дестинација на уметницата, чии дела произлегуваат од теренската работа на тимот за заштита на балканскиот рис.
На 5 февруари 2026 година (четврток), во Културно-социјалниот простор Центар – Јадро, ќе биде отворена изложбата под наслов „ЗОРА – Нејзината заборавена шума” на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ.
Оваа изложба е инспирирана од теренските искуства и напорите на тимот кој се занимава со заштита на балканскиот рис. Посетителите ќе имат можност да се запознаат со светот на младата балканска рисица Зора, која живее во динамичен и поврзан екосистем со други животински видови.
Уметницата не ги прикажува животните како обични симболи или статистики, туку ги портретира како единствени протагонисти, поттикнувајќи ги посетителите да ги согледаат нивната важност, присуство и ранливост во шумата. Овој иновативен пристап го истакнува креативниот израз на Драгослава Ѓуриќ, која се фокусира на маслено сликарство и наоѓа инспирација во светот на животните, природните екосистеми и шумските предели.
Уметничките дела, што за прв пат ќе бидат изложени во Скопје, ќе можат да се купат, а дел од средствата ќе бидат насочени кон продолжување на активностите за заштита на балканскиот рис.
Покрај уметничките слики, изложбата ќе вклучува и теренски фотографии и документи направени од тимот на Програмата за заштита на балканскиот рис, која веќе дваесет години работи на зачувување на оваа кревка популација во Македонија. Овие фотографии, направени со специјални фото-замки, ги прикажуваат реалните услови во кои живее рисот и теренската работа која е клучна за неговиот опстанок.
Изложбата е отворена и бесплатна за сите посетители, без оглед на возраст. Во Скопје ќе трае до 12 февруари, по што ќе биде поставена во Косово, каде исто така се спроведува Програмата за заштита на балканскиот рис.




