Во насока на подобрување на безбедноста на новинарите и брзото реагирање на секое загрозување на медиумските слободи, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија отвори предмет по допрен глас. Целта е да се утврди идентитетот и да се испита кривичната одговорност на неколку лица кои, преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук, упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник на Канал 5 Телевизија – Александар Видиновски.
Коментарите беа објавени под видео прилог на новинарот, кој се однесува на неправилно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Тие содржеа сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки кои поттикнуваат национална нетрпеливост. Имајќи ја предвид улогата на новинарот и неговите професионални обврски, предметот е префрлен на Основното јавно обвинителство Скопје за понатамошна обработка и да се преземат дејствија за испитување на можните индиции за кривични дела кои се гонат по службена должност.




