Загадениот воздух, особено ПМ1 честиците, значително го зголемуваат ризикот од аутизам

Кога се работи за посочување на еколошките причинители на разни развојни проблеми кај децата, тоа не е воопшто лесна задача. Но една нова студија открива дека изложеност на одредени типови на загаден воздух во раното детство може значително да го зголеми ризикот од развој на симптоми поврзани со аутистичниот спектар на нарушувања (Аutism spectrum disorder, т.е. ASD).

Иако од претходните истражувања – кои главно се однесуваа на изложеноста во периодот пред раѓањето – веќе е јасно за сериозните последици од загадениот воздух по децата, ова најновото оди чекор подалеку, покажувајќи дека постои континуиран ризик по невролошкиот развој особено во првите неколку години од животот.

„Сериозните здравствени последици од аерозагадувањето се добро документирани, и сугерираат дека не постои безбедно ниво на изложеност“, вели водечкиот автор на студијата Јуминг Гво. „Дури и изложеност на многу мали количини на микрочестици е поврзана со предвремени породувања, одложено учење и широка палета на останати сериозни здравствени нарушувања, меѓу кои и срцеви болести“.

Настрана познатите ефекти од аерозагадувањето, како и самата комплицирана природа и причините на аутизмот и нарушувањата од аутистичниот спектар, тимот истражувал 124 случаи на аутизам во споредба со контролна група од 1.240 деца кои немале дијагноза. Децата биле избрани од основните училишта и градинките во Шангај, во 2014-та, а на возраст од 3 па до 12 години.

Тимот потоа ги земал дневните отчитувања на загаденост со микрочестици од 1, 2.5 и 10 микрометри, и ги споредил во однос на тоа кога и во кои реони живееле децата испитаници, со што научниците имале јасен увид во тоа кои од тие деца биле изложени на високи концентрации на аеросоли.

Прочитајте и:  Чудни и (не)вообичаени навики на децата... и како да постапите

Тимот веднаш забележал видлива шема – дека првите три години од животот на децата се клучен период, и дека кај децата изложени на штетни честици со големина од околу 1 микрометар има дури 86% поголем ризик од развој на аутизам и аутистични нарушувања. Згора на тоа, се покажало дека ризикот е најголем за време на втората и третата година од животот.

Причините не се јасни, но истражувачите сметаат дека барем делумен удел имаат нарушувањата на имуниот систем, кои се јавуваат како последица на изложеност на загаден воздух во раното детство.

Проблемот е дотолку посложен што честиците со големина од 1 микрометар, при мерењето на квалитетот на воздухот, не се мерат и категоризираат посебно од честиците со големина до 2.5 микрометри. Студии како оваа, покажуваат дека тоа веројатно треба да се промени, со цел да се посвети поголемо внимание на проблемот, а со тоа и повеќе труд во изнаоѓање решенија.

„Со оглед дека ПМ1 честиците сочинуваат околу 80% од ПМ2.5 загадувањето конкретно во Кина, потребни се понатамошни студии околу нивната токсичност и ефекти врз здравјето, за да можеме во иднина да развиеме подобри стандарди за контрола на ПМ1 аерозагадувањето“, заклучува Гво.

Подетално на Science Alert.

- Реклама -