Она што фасцинира е како Бранкица, како млад човек, ја истражува и доживува традицијата, користејќи ја како инспирација за создавање уметнички дела. За неа, руралната Македонија претставува „непресушен извор на инспирација“, каде што се испреплетуваат хармонијата со природата, издржливоста на луѓето и културната длабочина. Таа во својата уметност ја преточува патината на минатото преку автентичната селска архитектура, пејзажите и музичкиот фолклор, кој беше дополнително адаптиран и изведен од етномузикологот Филис Синаноска за отворањето на изложбата.
Проектот „Заборавена автентичност“ има за цел да го поттикне интересот за културната историја на селските региони и да ги врати на мапата на современата култура. „Преку комбинирање на ликовната уметност со музика и архитектура, проектот отвора нова перспектива кон традицијата,“ вели Бранкица. Нејзината работа потсетува на богатството кое го носат овие заборавени региони и потенцијалот за нивно културно и економско заживување.
Трн: Како ја доживуваш руралната Македонија низ твојата уметност, и што е она што најмногу те инспирира од овие заборавени средини?
Бранкица: Руралната Македонија за мене претставува непресушен извор на инспирација. Во неа гледам живот кој течел полека, во хармонија со природата, но и приказни кои зборуваат за издржливост, традиција и културна длабочина. Селските предели се сведоци на минати времиња, нивната архитектура, фолклор и пејзажи ја носат таа специфична патина што ја преточувам во мојата уметност, во рамки на овој проект. Инспирацијата започна со мојата фасцинација од автентичната селска архитектура, па инволвирајќи ја Филис Синаноска во проектот, градираше кон истражување на заборавениот музички фолклор од овие средини. Секој дел од овие места раскажува уникатна приказна што заслужува да биде забележана.
Трн: Како сметаш дека проектот „Заборавена автентичност“ може да поттикне нов интерес за културната историја на селските региони и нивното заживување?
Бранкица: Проектот „Заборавена автентичност“ има моќ да ја врати свеста за богатството кое го носат руралните предели. Низ изложбата и другите активности, можеме да ги потсетиме луѓето на убававината на градбите во овие региони и прекрасните творби кои полека ги забораваме и исчезнуваат. Комбинирајќи визуелна уметност со музика и архитектура, проектот отвора нова перспектива кон традицијата, правејќи ја актуелна и интересна за младата публика. Дополнително, ваквите иницијативи можат да ја поттикнат локалната заедница да се гордее со своето наследство и да работи на негово зачувување и одржлив развој.
Трн: Што за тебе претставува најголем предизвик во спојувањето на ликовната уметност со автентичната музика и архитектура на руралните средини?
Бранкица: Најголемиот предизвик е да се задржи автентичноста на материјалите и приказната, а притоа да се креира нешто што ќе биде современо и релевантно. Ликовната уметност, музиката и архитектурата имаат различни јазици, и нивното спојување бара длабоко разбирање на секоја од овие уметнички форми. Огромен предизвик беше да се најде баланс меѓу почитувањето на традицијата и воведувањето на нови интерпретации кои ќе привлечат современа публика. Но, токму во тие предизвици се наоѓа и магијата – создавањето нова вредност која го спојува минатото и сегашноста.
Предизвикот, како што истакнува Бранкица, лежи во спојувањето на автентичноста со современите изрази, задржувајќи го балансот меѓу традицијата и модерното. Со проектот, таа успева да го спои минатото со сегашноста, создавајќи нова вредност која ги инспирира младите генерации да ги почитуваат и негуваат корените.