За една година цените пораснале 5,2%

За една година цените пораснале 5,2%

Државниот завод за статистика денеска објави дека трошоците за живот во јануари се зголемени за 4,9 отсто во однос на истиот месец минатата година, додека цените на мало пораснале за 5,2 отсто.

Во споредба со декември, трошоците за живот се зголемени за 0,2 отсто, додека цените на мало се намалени за 0,4 отсто.

Според податоците на ДЗС, цените на најголем дел од производите и услугите бележат пораст. Храната и безалкохолните пијалаци во јануари се зголемени за 0,1 отсто, исто колку и алкохолните пијалаци и тутунот.

Поскапена е и рекреацијата и културата за 0,1 отсто, додека рестораните и хотелите бележат пораст на цените од 0,7 проценти. Поголемо зголемување има кај мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата, каде цените растат за 1,5 отсто, а најголемо зголемување има кај разновидните стоки и услуги – 1,6 отсто.

Од друга страна, забележано е намалување на трошоците за транспорт за 0,9 отсто, комуникациите поевтиниле за 0,4 отсто, а облеката и обувките за 0,2 отсто.

Во однос на цените за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, здравството и образованието, нема промени во споредба со претходниот месец.

Ако се направи споредба со јануари 2023 година, најзначително поскапување има кај безалкохолните пијалаци, минералната вода и соковите од овошје и зеленчук, кои се поскапени за 16,2 отсто. Цената на маслото е повисока за 11,8 отсто, додека зеленчукот поскапел за 10 проценти, а овошјето за 3 проценти.

Млечните производи, сирењето и јајцата за една година бележат раст од 6,9 отсто, а цената на месото е зголемена за 4,6 отсто.

Пораст на цените има и кај облеката, која е поскапена за 3,1 отсто, и обувките, кои бележат скок од 3,5 отсто.

Дополнително, според ДЗС, во споредба со јануари минатата година, зголемување има и кај цените на домувањето, здравствената заштита, транспортот, комуникациите, образованието, рестораните, хотелите, рекреацијата, културата, како и кај разновидните стоки и услуги.

Ова зголемување на цените доаѓа во период на растечка инфлација, што продолжува да влијае врз животниот стандард на граѓаните.