Вулканот Фуего повторно во ерупција, затворени патишта и 39 училишта

Гватемалските власти иницираа евакуација на жителите од подножјето на вулканот Фуего поради нова ерупција.

Портпаролот на Националниот координативен центар за справување со катастрофи, Хуан Лауреано, соопшти дека до сега се евакуирани најмалку 594 лица, кои се сместени во прифатни центри во пет општини, сместени во департментите Чималтенанго, Ескуинтла и Сакатепекес.

Според Лауреано, очекувањата се дека ќе се зголеми бројот на евакуирани поради продолжената активност на вулканот.

Властите, исто така, привремено ги затворија автопатите во регионот и прекинаа наставата во 39 училишта.

Фуего, кој се издига на висина од 3.763 метри, е еден од најактивните вулкани во Централна Америка и се наоѓа на 53 километри од главниот град на Гватемала.

Прочитајте и:  Саша Димитријевиќ повторно се враќа во МЗТ Скопје!

При неговата ерупција во 2018 година, загинаа 194 лица, а 234 беа пријавени како исчезнати.