Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија се соочува со сериозна закана поради формирањето воен сојуз меѓу Хрватска, Приштина и Тирана, изразувајќи загриженост за, како што истакна, глобалната тишина околу оваа ситуација. Во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција, Вучиќ нагласи дека ваквото партнерство мора да биде сериозно разгледано од страна на Србија.
Тој најави состанок на Генералштабот на Војската на Србија и Министерството за одбрана, како и планирани инвестиции во воената индустрија и производството на оружје и опрема. „Ќе мораме да извезуваме оружје за да генерираме приход, но сме решени да го зголемиме процентот на производството што ќе биде наменето директно за Војската на Србија, можеби и до 40 проценти“, изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија ќе ги зајакнува своите одбранбени капацитети месец по месец.
Тој истакна дека не станува збор само за воена соработка, туку за сојуз со јасни политички и безбедносни последици. „Прашањето не е кому ја продавате муницијата, туку со кого сте во воен сојуз и кого браните или напаѓате“, порача српскиот претседател.
На маргините на конференцијата, хрватскиот министер за одбрана, Марио Анушиќ, имаше трилатерална средба со своите колеги од Албанија и Косово, Пиро Венгу и Ејуп Македонци. Анушиќ нагласи дека соработката не е насочена против ниедна соседна држава, туку има цел да ја зајакне стабилноста и безбедноста во југоисточна Европа.
Според хрватското Министерство за одбрана, овие три земји работат на заеднички проекти во одбранбената индустрија и ја унапредуваат соработката меѓу своите вооружени сили, согласно Декларацијата за соработка во областа на одбраната и безбедноста, потпишана на 18 март 2025 година во Тирана.
Од Министерството за одбрана на Србија порачаа дека ваквите активности се спротивни на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Кумановскиот договор, додека албанската страна најави прва заедничка трилатерална воена вежба во 2026 година.



