Вучиќ: Западот нѐ бомбардираше за да ни го украде Косово, а не поради Милошевиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека западните земји ја бомбардирале Југославија за да биде Косово независно, а не поради политиката на тогашниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

„Оние кои удираа по нас не го направија тоа поради Слободан Милошевиќ, туку поради нивните геополитички интереси, за да ни го украдат Косово. И уште се чудат како ние се бориме и како го штитиме меѓународното право и Повелбата на ОН“, изјави Вучиќ за РТС.

Тој додаде дека Белград им помага на Србите на Косово давајќи „огромни пари“ и дипломатска борба и дека само „неодговорните луѓе“ сакаат конфликт со НАТО и западниот свет, јави Бета.

Вучиќ посочи дека Србите нема да учествуваат на претстојните локални избори во четири општини во северниот дел на Косово и дека владата формирана по нив нема да има легитимитет.

Прочитајте и:  Фицо: Се додека јас сум премиер Украина нема да стане членка на НАТО

На прашањето како ќе им биде на Србите на северот на Косово по изборите на 23 април, Вучиќ за РТС изјави дека ќе биде „лошо, како под окупација“, бидејќи владата ќе ја формира косовскиот премиер Албин Курти.

Тој ги критикуваше и западните земји дека „молчат“ за тоа што Курти не сака да ги одложи локалните избори на кои Србите нема да учествуваат, откако во ноември ги напуштија косовските институции.

Според Вучиќ, тактиката на властите во Приштина е никогаш да не ја формираат Заедницата на српски општини.

Вучиќ во интервјуто најави дека вонредните парламентарни и белградски избори ќе се одржат кога ќе ги побара опозицијата. Тој додаде дека изборите не може да се одржат во лето, но дека е можно да се одржат наесен или во зима.

МИА

- Реклама -