Српскиот премиер Милош Вучевиќ жестоко ги осуди смртните закани упатени кон претседателот Александар Вучиќ, неговото семејство и претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, кои се појавија на социјалната мрежа Х. Тој побара од надлежните институции итно да преземат мерки за идентификација и санкционирање на лицата кои повикуваат на насилство против српскиот претседател.
Во својата објава на Инстаграм, Вучевиќ нагласи дека ваквите закани не се новост, бидејќи и во минатото претседателот Вучиќ и неговото семејство биле мета на слични напади на социјалните мрежи. Според него, ова најчесто се случува во моменти кога Србија се наоѓа под притисок, како однадвор, така и внатре, при што претседателот се спротивставува и отворено му ја соопштува вистината на народот за случувањата.
„Кога разни интересни групи и делови од опозицијата создаваат атмосфера на линч, очајни поради тоа што немаат реални шанси на изборите, ваквите ужасни закани можат да поттикнат некого да ја пренесе омразата од интернет-просторот во реалноста“, порача Вучевиќ, повикувајќи ги надлежните институции на брза и соодветна реакција.
Тој очекува државните органи да преземат мерки со цел да се откријат и казнат оние кои шират повици за ликвидација на претседателот и неговите најблиски.
Вучевиќ остро се спротивстави на користењето на насилство и закани како средство за пресметка со легално избран државник,осудувајќи го лицемерниот пристап на оние кои повикуваат на демократија,но во исто време промовираат насилство како начин за доаѓање на власт. Според него, секоја промена треба да се случи преку демократски избори, а не преку радикални и опасни повици за насилни пресврти.
„Сакам јасно да порачам на сите кои стојат зад ваквите напади – на нивните поддржувачи, финансиери и инспиратори – дека ќе продолжиме да ја штитиме Србија и нејзиниот уставен поредок, решително и без двоумење. Нема сила што ќе не поколеба во одбраната на волјата на народот. Граѓаните јасно покажаа дека довербата ја даваат на Александар Вучиќ, бидејќи тој ја гради иднината на една модерна, стабилна и независна Србија“, потенцираше Вучевиќ.
Тој истакна дека токму оваа решителност на српскиот претседател претставува најголема пречка за оние кои би сакале да ја вратат земјата во периодот на нестабилност, сиромаштија и слабост.
Како дополнување, премиерот очекува и јавноста да остане будна, бидејќи, според него, секоја закана упатена кон Александар Вучиќ е директна закана за стабилноста и иднината на Србија.
„Нема да дозволиме да ја уништите Србија“, заклучи Вучевиќ.
Овие закани беа објавени на социјалната мрежа Х додека српскиот претседател гостуваше во телевизиска емисија, каде што, покрај него, беа мета и неговото семејство, како и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.




