Втор ден дискусии за ребалансот на буџетот

Во Собраниската Комисија за финансии и буџет денеска продолжува расправата за ребалансот на буџетот, која започна вчера.

Главната цел на овие измени, како што информираат од Министерството за финансии, е да се обезбеди непречено извршување на буџетот, особено во услови на позитивни економски трендови и динамична реализација. Ова е со цел навремено и ефикасно финансирање на сите програмски опредељења, обврски и капитални инвестиции.

Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на 362,4 милијарди денари, што претставува раст од околу еден процен, односно за приближно 3,5 милијарди денари. Исто така, вкупните расходи се на нивото од 403,7 милијарди денари, што повторно бележи пораст од околу еден процен.

Со ребалансот се реализира прераспределба на средства меѓу буџетските корисници. Се дообезбедуваат средства за исплата на плати, главно во Министерството за внатрешни работи, каде растот на платите на вработените изнесува 10 проценти. Додатно, обезбедени се средства за зголемени пензии и околу 300 милиони денари за капитални расходи.

Капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари.

На првиот ден од општата расправа, Фискалниот совет истакна дека е од клучно значење економското почитување на фискалните правила. Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, нагласи дека ревидираниот буџет е во согласност со буџетската стратегија. Тој повтори дека доколку капиталните инвестиции не се реализираат како што е предвидено, тие не треба да се пренаменат за тековни расходи, туку да се заштедат и пренаменат за идни години.

Опозицијата смета дека ребалансот не е насочен кон продуктивен развој и укажува на фискална неодговорност, тврдејќи дека го прикрива она што било ветено, но не е испорачано. Според ВМРО-ДПМНЕ, предлогот за ребаланс е развоен, реален и гарантира економски раст, како и подобрување на животниот стандард, спроведувајќи домаќинско управување со јавните финансии.

По завршувањето на општата расправа, следува и расправа за амандмани, за која се поднесени околу 200 амандмани, од кои 160 доаѓаат од опозициската СДСМ.