Врели капки од сунѓер пронајдени на јакната на Андреј Ѓорѓиевски – презентирани материјални докази за пожарот во „Пулс“, одбраната на обвинетите повторно ги оспори доказите.

На денешното рочиште за случајот на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство ги презентираше материјалните докази собрани во текот на увидот на лице место. Меѓу најзначајните докази се пронајдените пиротехнички средства и предмети кои, според обвинението, се клучни за утврдување на причините за трагедијата.

При увидот, откриен беше изгорен ресивер за активирање на пиротехнички апарати, црн ранец со два дополнителни ресивери, деветволтна батерија и неискористено пиротехничко средство. На расправата, обвинителството пред Судот презентираше и фотоалбум со 92 фотографии, кои ја документираат состојбата на објектот по пожарот, вклучувајќи го распоредот на сцената, евакуациските излези и внатрешната структура.

Според изнесените наоди, во просторот биле забележани три празни противпожарни апарати и значителен број запаливи материјали, како што се стиропор, гипс картон и дрвени компоненти, што овозможило брзо ширење на огнот. Констатирани се и ограничени услови за евакуација, вклучувајќи заклучени врати и блокирани излези. Над бината биле поставени метални конструкции и конзоли, со растојание од 2,7 метри од сцената до плафонот, што укажува на недоволна оддалеченост од горните елементи, што беше наведено од обвинението.

Прочитајте и:  Канг: Генеративната вештачка интелигенција ја менува општеството, но најважните одлуки мора да ги донесува човекот.

Според Јавното обвинителство, пожарот е резултат на употреба на пиротехнички средства од страна на групата ДНК. Во доказната постапка беше споменато дека дел од внатрешната опрема, вклучувајќи сунѓер, е набавен во 2012 година, непосредно пред отворањето на клубот. Обвинителството нагласи дека станува збор за високо запалив материјал кој создава жешки капки при согорување.

Во текот на вештачењето на микротрагите, утврдени се остатоци од таков материјал и кај некои од починатите, вклучувајќи и на облеката на пејачот Андреј Ѓорѓиевски, каде што се констатирани капки поврзани со дејството на согорениот материјал.

Одбраната на обвинетите повторно ги оспори доказите и побара нивно изземање, како и ангажирање дополнителни експерти, но судот ги отфрли овие барања како неосновани. Јавното обвинителство смета дека ваквите постапки имаат за цел задоцнување на процесот.