На Прајм Видео пристигна новата романтична драма „Оф кампус“, серија која уште пред својата премиера привлече значително внимание меѓу љубителите на хокеарските романси. Веднаш беше споредена со минатогодишниот хит „Хитед рајвалри“. Двете серии се адаптации на познати книжевни дела и се сместени во светот на хокејот, но критичарите истакнуваат дека „Оф кампус“ ги следи сосема поинакви патеки.
Серијата се базира на романот „Договорот“ од авторката Ел Кенеди и ја раскажува приказната за романтичниот однос помеѓу Гарет Греам и Хана Велс на фиктивниот универзитет Брајар. Гарет, кој го игра Белмонт Камели, е ѕвезда на универзитетскиот хокеарски тим и потенцијален играч на Бостон Бруинс, додека Хана, во улога на Ела Брајт, е студентка по музика која се обидува да се дистанцира од хокеарите поради траума од минатото.
Нивната приказна започнува со договор: Хана му помага на Гарет со учењето, а тој глуми интерес за неа за да ѝ помогне да го привлече вниманието на својата симпатија. Критичарите нагласуваат дека серијата е значително „помека“ и поемотивна од „Хитед рајвалри“, со помал акцент на експлицитни сцени и поголема фокусираност на емоционалната врска. Особено внимание привлекува приказната за Ханината траума и начинот на кој Гарет се труди да ѝ создаде чувство на сигурност и доверба.
Споредната актерска екипа, особено Мика Абдала како Али Хејс и Џејлен Томас Брукс како Такер, добива позитивни реакции. Иако некои гледачи укажуваат на неприродно звучење на некои дијалози и евтини хокеарски сцени, рецензиите потврдуваат дека серијата успешно ја пренесува онаа„feel good“ атмосфера што публиката ја очекува. Прајм Видео веќе ја обнови серијата за втора сезона пред официјалната премиера.




