Институтот за јавно здравје информира дека физичко-хемиската и микробиолошката анализа на водата земена од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ не покажала никакви неправилности, а сите вредности се во согласност со референтните стандарди. При анализа на мострите не е регистрирано присуство на тешки метали.
Од Институтот нагласуваат дека дежурните и приправните екипи продолжуваат со работа и за време на викендот, внимателно анализирајќи ги добиените мостри од училиштата, како и биолошките материјали од изминатите денови. Целта е навремено и ефикасно справување со актуелната ситуација.
Тие исто така потсетија дека претходните анализи на храна и работни површини од истото училиште откриле присуство на фекални бактерии од родот Enterobacteriaceae во мусаката, како и на неколку локации во кујната и училиштето, што укажува на сериозни недостатоци во одржувањето на хигиената.
Од седумте примероци на биолошки материјал што биле доставени од деца со симптоми, шест покажале позитивен на норовирус, потврдува Институтот. За дополнителните мостри од уште девет училишта, јавноста ќе биде информирана во понеделник. Институтот за јавно здравје истакнува дека останува во редовна комуникација со сите надлежни институции и ќе ги објави сите нови информации веднаш по нивното добивање.




