Водата во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ е безбедна за користење
Водата во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“, сместено во Карпош, е прогласена за санитарно исправна и може без грижа да се користи, покажуваат резултатите од мониторингот извршен од ЈП „Водовод и канализација“.
Анализите беа спроведени по итна постапка откако значителен број ученици се пожалиле на стомачни тегоби, а некои родители изразија сомнеж во квалитетот на водата, бидејќи дел од децата што се разболеле не јаделе во училишната кујна.
Секторот за санитарна контрола зема четири примероци од две локации во училиштето – од училница и од кујната. Резултатите од физичко-хемиската и микробиолошката анализа покажуваат дека сите примероци ги задоволуваат критериумите за безбедност и квалитет на водата за пиење.
„Според добиените резултати, водата во Основното училиште ‘Димо Хаџи Димов’ во Општина Карпош е санитарно исправна и може без ограничувања да се употребува“, изјавија претставници од претпријатието.




