Во регистарот на ДКСК евидентирани се 1.916 службени возила, а вкупниот број изнесува 6.500.

Државните институции, органите на локалната самоуправа, јавните претпријатија и други правни субјекти кои управуваат со државен капитал биле задолжени да поднесат информации за бројот, типот на возилото, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба до Комисијата за спречување на корупција најдоцна до 18 август.

Во случај правните лица не ја испочитуваат оваа обврска, Комисијата ќе започне прекршочна постапка во рок од 15 дена по истекот на рокот за поднесување на податоците.

Евидентирањето на возилата на институциите слуži за да се спречи нивната употреба од функционери и други именувани или избрани лица за потребите на изборни кампањи.

Владата донесе одлука да се воведат специјални црвени таблички за сите службени возила, со рок до 15 септември 2025 година, со цел подобрување на транспарентноста и спречување на злоупотреби. Исто така, ќе се создаде специјален регистар на државните автомобили, кој ќе овозможи прецизна евиденција за местоположбата и користењето на секое службено возило.

Оваа обврска важи за повеќе од 6.500 автомобили во администрацијата и јавниот сектор.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, истакна дека иницијативата доаѓа од премиерот Христијан Мицкоски и од него, и дека постапката за означување на сите државни возила е започната пред околу осум месеци.

„Рокот е до 15 септември да ги обележиме сите овие возила,“ изјави Томовски.

Тој нагласи дека целта е да се спречи злоупотребата на државните ресурси, особено пред изборите. Според новиот правилник, ќе бидат изземени само возила кои се користат за оперативни цели, како што се полицијата и безбедносните служби.

Покрај тоа, Службата за општи и заеднички работи ќе отвори посебна телефонска линија и е-мејл адреса преку кои граѓаните и медиумите ќе можат да пријавуваат сомнителни случаи на употреба на службени возила. Томовски уверува дека ќе има брза реакција од надлежните на секоја пријава.