На трибината „Четири години работа за тебе“, во рамките на настанот Саем-Отчет, градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, изјави дека во изминатите две години успеале да ја одблокираат сметката на општината по 25 години, и тоа без да заостануваат со реализацијата на проекти.
Тозиевски истакна дека со новиот буџет, од септември до декември, реализирале околу 12 милиони денари во различни проекти.
„Во последните четири години реализирахме околу 170 проекти во сите сфери. Во делот на патната инфраструктура, водоснабдување и канализации, изградивме околу 50 улици, паралелно со модернизацијата на подземната инфраструктура и системите за отпадни води. Вкупно, асфалтиравме и реконструиравме над 23 километри патна мрежа, што се вреднува на околу два милиона евра во Преспа“, рече Тозиевски.
Градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, во своето обраќање нагласи дека за време на овие четири години, општината бележи значителен напредок во инфраструктурното унапредување. Тој спомена дека најголемиот проблем во помалите општини е патната инфраструктура.
„Како никогаш досега, во изминатите 30 години, вложивме во патната инфраструктура и изградивме повеќе од 17 километри локални улици и патишта, со вкупна вредност од 80 милиони денари. Паралелно со тоа, работиме на урбанизацијата на самиот град Демир Хисар, со цел обезбедување нови пешачки патеки на четирите главни улици. Оваа иницијатива не само што му даде нов модерен изглед на централното подрачје, туку и значително ја зголеми безбедноста, особено за пешаците“, изјави Најдовски.
Тој додаде дека со ова се придонесува за подобра поврзаност и рамномерен развој на целата општина, а дополнителни 60 милиони денари од вториот повик на Владата ќе се определи за изградба на уште 10 километри на улици и локални патишта.




