Во недела, 11 јануари, ќе се одржат повторените избори за градоначалник во четири општини: Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Според податоците од Државната изборна комисија, во овие општини по првиот круг на изборите, одржан на 19 октомври 2025 година, не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни.
Според Изборниот законик, во повторените избори не е потребна таа излезност, но за да се избере градоначалник, е потребно повеќе од половината од излезените гласачи да гласаат за еден од кандидатите. Во Центар Жупа, пак, има само еден кандидат, Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците.
Во Гостивар, двата кандидати за градоначалник се Невзат Бејта од коалицијата Вреди и независниот Ваљбон Лимани, поддржан од НАИ. Во Врапчиште, кандидатите се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири, поддржан од Група избирачи. Во Маврово и Ростуше, двајцата кандидати се Онер Јакупоски, поддржан од Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.
Изборната кампања завршува утре на полноќ, по што започнува изборниот молк. Според информациите од Државната изборна комисија, гласачките ливчиња веќе се печатат и утре ќе се дистрибуираат до Општинските изборни комисии, заедно со апаратите за биометриска идентификација. Во сабота, ќе гласаат лицата кои се болни и изнемоштени, како и оние во затворите.




