Станува збор за ограничена партија вино од 100% сорта аглијанико, произведена на падините на Везув, во просторот околу Неапол, на вулканска почва и од органски одгледувани лозја.
Ова вино е создадено како почест на култниот филм „Пред дождот“, кој освои Златен лав и уште девет други награди на Филмскиот фестивал во Венеција во 1994 година. Во Италија, тој беше прогласен за филм на годината и е дел од образовната програма за филмови во училиштата, а исто така е и првата македонска номинација за Оскар во 1995 година.
„Филмот ‘Пред дождот’ секогаш ме следи откако го видов во 1994 година. Силно ме привлекува неговата убавина, кружната порака која ја носи, и концептот дека времето никогаш не чека и никогаш не умира. Сета таа идеја стана дел од мојот личен и професионален свет,“ вели Поцали, нагласувајќи дека проектот не е создаден како комерцијален бренд, туку како авторска соработка која ги поврзува виното, времето и просторот.
Новата партија вино е резултат на директна соработка помеѓу Поцали и Милчо Манчевски и е дел од концептот „Јажето на 41-та паралела“. Оваа симболична линија поврзува различни култури и региони, Истокот и Западот, вклучувајќи ја и Скопје и јужна Италија.
„Сакав линија што обединува, а не разделува, и виното е дел од тоа патување. Линијата тргнува од јапонскиот остров Хоншу, минува низ Азија и Медитеранот, со симболична станица во Скопје – родниот град на Манчевски, и завршува во Неапол, под Везув. Токму таму, старите лозја го впиваат мирисот на морето и минералниот квалитет на вулканската почва, претворајќи го грозјето во вино со силен идентитет,“ објаснува Поцали.
Во оваа приказна, око на Милчо Манчевски е неопходно; тој го интерпретира виното преку фотографија, вели Поцали. Секоја година, етикетата ќе се менува и ќе носи една негова фотографија со краток текст. За првата берба, е избрана фотографијата „Гинко“ (2011), која Манчевски ја опишува: „Ливче фатено во вода, водата фатена во метален квадрат, квадратот фатен во наполу обоен бетон. Суштината на природата опстојува, како во чаша вино.“
Ова е петтото вино „Пред дождот“ на Поцали – првото беше создадено во 2009 година на Етна, Сицилија, заедно со производителот Салво Фоти, една од најзначајните фигури во италијанското винарство. Во периодот од 2009 до 2015 следеа второто вино, произведено во словенечкиот Карст, и третото во Тоскана со еден од најпознатите винари во светот, Роберто Чипресо. Овие три вина имаа етикети дизајнирани од уметницата Даниела Беати. Четвртото вино беше шампањско произведено во Франчакорта во Бреша.
Најновото вино моментално одлежава во шише и ќе биде претставено на специјално настан.
„Ова е вино создадено за споделување, не за масовен пазар,“ нагласува Поцали, додавајќи: „Проектот ‘Пред дождот’ останува отворен за идни берби, но секогаш со ист принцип: ограничено производство, јасен авторски печат и силна врска помеѓу виното, времето и местото на неговото создавање.“




