Американскиот претседател Доналд Трамп изрази загриженост поради видливите знаци на внатрешни тензии во военото раководство на Иран. Во анализа на „Њузвик“ се истакнува нов, важен играч чијашто улога може драстично да го обликува курсот на Исламската Република, и на бојното поле и на преговарачката маса. Тоа е бригадниот генерал Ахмад Вахиди, чие влијание забележливо расте во рамките на комплицираната структура на моќ во Иран.
Вахиди беше именуван за командант на Корпусот на чувари на исламската револуција (КВИР) по убиството на неговиот претходник Мохамад Пакпур, кој ја презеде функцијата откако поранешниот шеф на КВИР, Хосеин Салами, беше елиминиран. Тој претходно служел како заменик-командант на КВИР, а во времето на Ебрахим Раиси бил министер за внатрешни работи и министер за одбрана во периодот на Махмуд Ахмадинеџад. Вахиди исто така е еден од основачите на елитните „Кудс“ сили, кои подоцна ги предводеше Касем Сулејмани, убиен во американски напад во 2020 година, нареден токму од Трамп.
Според аналитичарите цитирани во „Њузвик“, Вахиди моментално ја консолидира својата моќ во услови на сериозна безбедносна и политичка криза во Иран. Некои експерти го опишуваат како фигура која „ги влече конците“ во актуелниот систем. Неговата биографија е обележана со контроверзии, вклучувајќи интернационални потерници и санкции од САД и Европската Унија поради наводна поврзаност со терористички напади во Аргентина во 1990-тите, обвиненија кои Техеран активно ги отфрла.
Анализата наведува дека слабеењето на улогата на врховниот лидер, како и ограниченото влијание на неговите наследници во политичките одлуки, дополнително придонеле за порастот на моќта на КВИР и воените структури. Исто така, дел од американските аналитичари тврдат дека отсутноста на јасен врховен авторитет во Иран овозможува внатрешно прегрупирање на моќта, при што Вахиди се појавува како еден од клучните играчи. Додека различни фракции постојат во рамките на иранското раководство, експертите сметаат дека надворешните притисоци од САД и Израел всушност доведуваат до поголема внатрешна кохезија, а идниот правец на земјата останува неизвесен.




