Француските власти започнаа со спроведување на засилен болнички карантин за лицата идентификувани како контакти со случаи на хантавирус, известува БФМ ТВ. Министерот за одбрана, Себастиен Лекорни, изјави дека „сите контактни случаи, без исклучок“, ќе бидат сместени во строг карантин во болнички услови.
Според информациите, дел од мерките за изолација започнале уште во понеделникот вечерта, додека остатокот од контактите ќе бидат префрлени во изолација во текот на денешниот ден. Контактните случаи се следат во повеќе региони во Франција, а целта е да се згрижат во најблиските центри за заразни болести.
Веќе е потврден еден случај во Бретања, каде лицето прво било во самоизолација во департманот Финистер, а потоа префрлено во Универзитетската болница во Рен. Според протоколот на Светската здравствена организација, карантинот трае 42 дена. Мерката се однесува на вкупно 22 идентификувани контактни случаи во Франција.
Осум лица биле на летот од Света Елена до Јоханесбург на 25 април, на кој патувал и патник од холандски крузер, кој починал по инфекцијата со хантавирус. Француската влада соопшти дека сите брзо биле изолирани и тестирани, а резултатите досега се негативни. Останатите 14 контакти биле идентификувани на летот помеѓу Јоханесбург и Амстердам. На нив најпрво им е наредена самоизолација, по што владата одлучи сите да бидат опфатени со засилен карантин.
Француската влада најави дека секојдневно ќе се одржуваат два меѓуресорски состаноци посветени на хантавирусот. Првиот состанок ќе се одржува во утринските часови и ќе биде фокусиран на погодените региони и хоспитализираните контакти, додека вториот ќе се одржува попладне.




