Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на денешната комеморација по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, изјави дека во Европа и било каде другаде не смее да има место за негирање на геноцидот, историски ревизионизам или величање на злосторниците.
„Негирањето на ваквите ужасни настани ја труе нашата иднина. Наша морална и хуманитарна обврска е да се соочиме со целосната вистина. Тоа е првиот чекор кон обезбедување на тоа ваквите злосторства никогаш повеќе да не се повторат“, истакна Кошта.
Тој додаде дека денеска во Поточари се потсетуваме на жртвите на геноцидот во Сребреница, „трагедија која ги разори семејствата и заедниците, како и самото човештво“.
„Оддаваме почит на оние кои биле брутално убиени и на оние кои и ден-денес се водат како исчезнати. Нивното отсуство остава празнина што ништо не може да ја пополни“, рече тој.
Кошта им вети на семејствата на жртвите дека споменот на убиените жители на Сребреница ќе остане за секогаш.
„Во овој момент на сеќавање, потврдуваме наша непоколеблива посветеност на вистината и одговорноста. Во тишината и болката на денешното сеќавање постои и надеж. Надеж за децата и внуците на оние кои ги изгубија животите – да ги остварат своите соништа, да изградат нови жизни и да создадат иднина без омраза и насилство“, додаде Кошта.
Тој нагласи дека обврската на европското ветување дадено на Босна и Херцеговина останува, посочувајќи дека „патот од војна и геноцид кон мир и просперитет е долг“.
„ЕУ е проект на мир, роден од пепелта на трагичната војна, воден од визија за помирување. Тоа е иста таа визија која ни го води проширувањето кон земјите од Западен Балкан“, рече Кошта.
Тој изрази уверување дека Босна и Херцеговина припаѓа на ЕУ, додавајќи дека ЕУ е „безбедно место и инклузивно општество со почитување на различностите и верските слободи“.
„Ќе продолжиме да ја даваме нашата поддршка за вашиот пат кон Европската Унија – Унија основана на помирување, меѓусебно почитувања, мир и напредок“, заклучи Кошта.
Според него, жртвите треба да им се оддаде почит со „повторно потврдување на посветеноста на вистината, правдата, надежта и вечниот збор за подобро утре“.
„Нека успомените на нив бидат инспирација за изградба на иднина во која ваквите трагедии никогаш повеќе нема да се повторат“, заврши претседателот на Европскиот совет.




