Во центарот на дискусијата – социјални услуги, инклузија на ранливите групи, политики за млади и демографски предизвици.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денес имаше протоколарна средба со Амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Паоло Палминтери.

При стартот на разговорот, министерот Лимани ја нагласи важноста на приоритетите на министерството, со акцент на зајакнување на социјалните услуги, инклузија на ранливи групи, промоција на младинските политики и справување со демографските предизвици.

На средбата беа разгледани и можностите за продлабочување на билатералната соработка, вклучувајќи и забрзување на постапката за ратификување на договорот за социјално осигурување помеѓу двете земји, што ќе биде од значење за граѓаните на Северна Македонија и Италија.

Во недостиг на нов договор, правата од пензиско и социјално осигурување се тешко остварливи. Оваа соработка ќе овозможи поефикасна координација на осигурителните системи и побрзо остварување на правата на граѓаните.

Соговорниците дискутираа и за досегашните проекти спроведени во земјава во соработка со италијански невладини организации, кои се фокусираат на подобрување на условите на живот за ромите, како и на зголемување на пристапот до социјални, образовни и здравствени услуги, како и социо-економската интеграција на ромската заедница во локалните заедници.

Двете страни изразија задоволство од напредокот постигнат до сега и подготвеност за интензивирање на соработката во областите одговорни за министерството.