Над 31 милион лица, или по еден човек секоја секунда биле раселени во 2016 година заради конфликти и несреќи, покажува извештајот на Меѓународниот центар за набљудување на внатрешното раселување, пренесуваат британските медиуми.
Се очекува бројот на раселени да расте, доколку не се пронајдат решенија за климатските промени и политичките конфликти, пренесува БТА.
Приближно седум милиони лица, главно од субсахарска Африка и Блискиот исток, се раселени заради конфликти. Други 24 милиони, главно во Азија, биле принудени да избегаат во други региони на своите земји како последица на природни катастрофи: бури, поплави и шумски пожари.
За разлика од бегалците, кои бараат азил во други земји, внатрешно раселените лица остануваат во сопствените земји и не можат да побараат меѓународна заштита. Од овие причини, тие често пати се заборавани, додека не се појави хуманитарна криза, потсетува директорот на Меѓународниот центар за набљудување на внатрешно раселените – Александра Билак.
Во текот на минатата година како последица на конфликтите најмногу луѓе биле принудени да избегаат од своите домови во Демократска Република Конго (922.000), па од Сирија (824.000) и Ирак (659.000).
Природните несреќи се причина за раселување на три пати повеќе луѓе – 7 милиони во Кина, приближно 6 милиони на Филипините и околу 2.5 милиони во Индија.
Александра Билак предупредува дека владите треба да се зафатат со решавање на причините за раселувањата и да посветат повеќе внимание на овие луѓе, бидејќи во спротивно, доколку ситуацијата им се влоши, можат да одлучат да тргнат кон други земји.