Влегол додека спиела и ја убил со десетина убоди – шокантни детали за трагедијата во Битола

Основното јавно обвинителство во Битола започна истражна постапка против 33-годишен маж, кој е осомничен за убиство по извршено семејно насилство. Оваа трагична ситуација се случила утрово, кога со нож ја уби својата поранешна вонбрачна партнерка.

Според информациите од обвинителството, делото е квалификувано согласно член 123, став 2, точка 2 од Кривичниот законик. „Осомничениот ја лишил од живот неговата поранешна партнерка, со која имаат четири малолетни деца“, се наведува во соопштението.

Обвинителството дополнително истакнува дека осомничениот претходно се осигурал дека таткото на жртвата не е во нивниот дом, а потоа влегол во куќата додека жената спиела. „Тој приближувајќи се, ѝ нанел десетина убоди со нож во телото, поради што таа веднаш починала“, се вели во официјалното соопштение.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола поднел предлог за определување мерка притвор, со образложение дека постои опасност осомничениот да избегне правдата.