Министрите од Владата ќе бидат на одмор од 5 до 15 август. Премиерот Христијан Мицкоски, при одговорите на новинарите по потпишувањето на меморандумот со турската компанија „Казанџи холдинг АС“, истакна дека во текот на овој период Владата ќе биде во одмор. По завршувањето на годишните одмори, официјално ќе биде соопштено како владината коалиција ќе настапи на следните локални избори.
„Што се однесува до нашите разговори за локалните избори, тие се навистина конструктивни и напредуваат во позитивна насока. Очекувам дека по годишните одмори ќе имаме официјално соопштение за јавноста. Владата ќе биде на одмор помеѓу 5 и 15 август, а во тој период ќе продолжат анализите и разговорите. По 15 август, односно во втората половина на овој месец, очекувам да формализираме нашиот став“, рече премиерот Мицкоски.
Што се однесува до изборите, Мицкоски спомна дека разговорите во коалицијата веќе завршиле, а сега следат анализите за потенцијални партнери. Најави дека коалиционите партнери ќе имаат свои листи за советници во сите општини, како и поддршка во изборот на градоначалници.




