Министерот за здравство, Азир Алиу, во придружба на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и д-р Аким Али, шеф на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во нашата земја, денеска официјално потпишаа петгодишна Стратегија за соработка помеѓу Владата и СЗО за периодот 2026–2030 година. На настанот, кој се одржа со онлајн учество, се обрати и Ханс Клуге, директор на СЗО за Европа.
“Овој ден означува нов почеток во нашата соработка со Светската здравствена организација. Заедно потпишавме прва петгодишна Стратегија, создадена во соработка со сите институции и партнери, која ќе ги насочи реформите во здравството до 2030 година,” изјави министерот Алиу.
Стратегијата се фокусира на модернизација на примарната здравствена заштита, дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, како и еколошкото здравје и климатската отпорност согласно “зелената агенда” на Владата. Дополнително, во рамките на оваа стратегија предвидена е и заштита на ранливите групи, планирање на човечките ресурси во здравството, јавно здравје, здравствена безбедност и подобра подготвеност во кризни ситуации.
“Оваа Стратегија ни обезбедува јасен план, партнерство и поддршка за спроведување на клучните реформи,” истакна по потпишувањето министерот. Тој истакна и важноста на меѓусекторската соработка и поддршката од различни сектори во реализацијата на целите за здравје и благосостојба на населението.
“Особено сакам да изразам благодарност до СЗО и сите министерства и партнери за нивниот придонес. Со оваа Стратегија поставуваме основа за посилно, помодерно и поправедно здравство за сите граѓани. Ова е символ на силната политичка волја, националната посветеност и партнерството помеѓу Владата и СЗО за реализација на клучните здравствени реформи,” заклучи Алиу.




