На денешната трибина под наслов „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“, Илија Стоилев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе и директор на АФПЗРР, откри дека при преземањето на функцијата, се соочил со сериозна состојба во која имало заостанати субвенции од над една милијарда денари.
„Се затекнавме во ситуација каде што беа заостанати преку една милијарда денари субвенции кои требаше да се исплатат. Сепак, Владата го препозна проблемот и испрати силна порака до земјоделците, алоцирајќи средства за исплата на овие субвенции. На крајот, се покажа дека Владата навистина е најголем поддржувач на земјоделството, што се потврди и по една година“, изјави Стоилев.
Тој нагласи дека во 2024 година, исплатени се рекордни 8 милијарди и 400 милиони денари субвенции, што претставува 85% реализација на програмата за земјоделство.
„Завршивме годината со историски рекорд на исплата на субвенции, а до денеска сме исплатиле вкупно 9 милијарди и 710 милиони денари. Со оглед на успешно реализираните проценти, можам да кажам дека имаме 85% реализација на програмата за развој на земјоделството за 2024 година“, додаде тој.
На крај, Стоилев посочи дека преземањето на функцијата подразбирало и решавање на проблемот со неисплатените средства за продадено млеко, кои биле заостанати 16 месеци.
„Исплативме значајни средства за увезен педигриран добиток во вредност од 165 милиони денари, што допринесува за подобрување на генетскиот потенцијал на Република Македонија и зголемување на производството на млеко. Кога ја презедов функцијата, наследивме неисплатени средства за предадено млеко во млекарниците. За кратко време, успеавме да исплатиме 17 милиони евра за овој проблем, што покажува дека навистина се грижиме за сточарите, за разлика од нашите претходници кои не го разбирале сточарството и неговото значење“, истакна Стоилев.




