„Визер“ доби седми авион во својата база во Скопје и фактички стана национален авиопревозник – истакнува вицепремиерот Николоски.

Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ова е значајно достигнување, нешто со што многу национални авиокомпании не можат да се пофалат.

„Ако не се лажам, ова е третата најголема база на Визер и се надевам дека во многу кратко време Скопскиот аеродром ќе достигне и второ место по број на пласирани летови, односно по број на авиони на аеродромот. Ова е навистина големо постигнување, со кое многу национални авиокомпании не можат да се пофалат. Затоа често велам дека Визер фактички стана национален авиопревозник на Македонија. Бројките и дестинациите го потврдуваат тоа,“ изјави Николоски на прес-конференцијата организирана на Скопскиот аеродром.

Николоски истакна дека ваквите успеси не се случајни, туку се резултат на заедничка работа.

„Компанијата Визер, ако минатата година превезе 1.700.000 патници, за првите шест месеци од оваа година веќе има 1.200.000 патници, што јасно укажува на раст. На двете аеродроми, Охрид и Скопје, во првите шест месеци имало два милиони патници. Се надевам дека таа бројка ќе продолжи да расте и во вториот дел од годината. Неколку години наназад се боревме за два милиони патници годишно, а сега имаме реална можност да стигнеме до четири милиони патници годишно,“ рече Николоски.

За генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, овој седми авион е многу повеќе од оперативна одлука; тој е силна потврда за потенцијалот на Македонија, партнерството меѓу ТАВ Македонија и Визер, како и јасен знак за иднината на домашниот воздухопловен сектор.

„Секој нов авион значи нови работни места за пилоти, кабински персонал, земски служби, техничко одржување и аеродромски услуги. Паралелно, се поттикнува и растот на други сектори како што се туризмот, угостителството, транспортот и трговијата. Повеќе патници значат повеќе гости во хотелите, повеќе посетители во рестораните и поголеми приходи за локалните компании. Подобрите и подиректни воздушни врски им овозможуваат на компаниите полесно да воспоставуваат деловни контакти, да пристапуваат до нови пазари и да привлекуваат инвестиции,“ подвлече Курт.

ТАВ Македонија е особено горда што во рамки на 15-те аеродроми со кои управува ТАВ Аеродроми, овој во нашата земја бележи највисок раст на бројот на патници во текот на годината.

„Во првите шест месеци од 2026 година, аеродромите во Скопје и Охрид заедно опслужија речиси 2 милиони патници и реализираа повеќе од 13.000 летови. Ова претставува раст од 28 проценти во патничкиот сообраќај и 7,6 проценти во бројот на летови во споредба со истиот период од минатата година. Зад овие бројки стојат милиони лични приказни и патувања: луѓе кои ги посетуваат своите семејства и пријатели, туристи кои откриваат нови дестинации, како и компании кои создаваат нови деловни можности,“ истакна Курт.