Покачените маснотии во крвта претставуваат сериозна закана за здравјето, но правилно избраната исхрана може значително да помогне во нивната контрола. Експертите истакнуваат дека промените се можни уште со првиот оброк во денот, а здравиот појадок може да придонесе за намалување на нивото на “лошиот” холестерол.
Иако холестеролот е важен за нормалното функционирање на организмот, учествувајќи во производството на хормони, жолчни киселини и клеточни мембрани, проблемот настанува кога нивото на LDL холестерол е повишено.
Меѓу најпрепорачуваните намирници за појадок се овесните снегулки, кои содржат бета-глукани — растворливи влакна кои помагаат во намалувањето на LDL холестеролот. Нутриционистите советуваат да се комбинираат со бобести плодови, како што се малини, капини и боровинки, заедно со јаткасти плодови и семиња.
Исто така, јаболките се одличен избор, бидејќи содржат пектин — вид растителни влакна кои помагаат во елиминацијата на холестеролот и придонесуваат за подобра работа на дигестивниот систем.
За оние кои сакаат покалоричен појадок, особено за време на викендите, лососот е добар избор. Оваа риба е богата со омега-3 масни киселини, кои имаат позитивен ефект на здравјето на срцето и крвните садови.
Сепак, се препорачува ограничување на намирниците богати со заситени масти, како бел леб, сланина, сувомеснати производи, путер, павлака, колачи и полумасни сирења.
Што се однесува до јајцата, експертите истакнуваат дека не е потребно да се исфрлат целосно од исхраната. Умереноста и балансирано исхрана се клучни. За повеќето луѓе, повремената консумација на јајца не влијае значително на нивото на холестерол ако исхраната е богата со овошје, зеленчук, интегрални житарки и здрави масти.




