Фото: Facebook/Vienski bal Skopje , Wiener ball Skopje Вечерва, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, ќе се одржи традиционалниот Виенски Бал, кој оваа година го слави своето 24-то издание. Организиран под покровителство на амбасадата на Австрија, Градот Виена и Министерството за култура, настанот е во режија на Здружението за културна соработка Јохан Штраус. Гостите ќе уживаат во ритамите на виенскиот валцер, екстравагантната музика на Штраус и уметноста која го оживува легендарниот дух на Виена. Виенскиот Бал оваа година носи и хуманитарна мисија, со донации насочени кон Кочани.
Во богатата уметничка програма на оваа вечер ќе настапат оркестарот „Јохан Штраус“ под диригентска палка на Бисера Чадловска, истакнати членови на Балетот при Националната опера и балет, танчери од Танцовиот клуб Прима данца, Свингерси бенд и Калиопи. Специјални гости се и идни студенти, со цел да се доближат културните текови и традиции на Австрија и Македонија до младите генерации.
Виенскиот Бал ги задржува строгите правила за дрес код, барајќи од дамите да облечат свечени долги тоалети, а од господата да носат смокинг, темно одело или униформа. Овој настан, кој ја потврдува македонско-австриската соработка во областа на културата и уметноста, уште еднаш ќе донесе ноти на гламур, музика и танц, поставувајќи ја уметноста во служба на хуманоста.