Очевидци на масовното пукање кое се случи во Сиднеј опишуваат сцени на хаос, длабока паника и страв, додека илјадници луѓе во панично бегство се оттргнувале од плажата Бонди. Нивните сведоштва откриваат потресни детали за моментите кога нормалната вечер прераснала во вистински хорор.
Лаклан Моран, 32-годишен жител на Мелбурн, изјави дека ги чекал членовите од своето семејство кога првите истрели нарушиле тишината. Во раката држел пиво за својот брат, кое веднаш го фрлил при одамна шокот. Вели дека по неколкуте истрели целосно се уплашил и започнал да бега, следејќи го инстинктот, трчајќи што е можно побрзо. Според неговите зборови, пукањето продолжило со прекини кои траеле околу пет минути.
Грејс и нејзиниот партнер Џоел Сарџент, исто така од Мелбурн, во моментот на нападот се наоѓале во хотелска соба. Тие слушнале силни удари, а кога погледнале низ прозорецот, виделе луѓе како врескаат, бегаат и се кријат. Грејс изјави дека звукот од истрелите бил неверојатно гласен и речиси без прекин, додавајќи дека, според нејзината проценка, биле испукани повеќе од 50 куршуми.
Ричард Хастен, кој присуствувал на настанот „Ханука покрај морето“, раскажа за австралиската телевизија АБЦ дека неговиот внук во тој момент си играл во детскиот агол и дека во почетокот сè изгледало сосема нормално. Кога започнало пукањето, легнал на земја, а пред него седела жена која крварела. Тој ја соблекол маицата за да се обиде да го запре крварењето, верувајќи дека куршумот ја погодил во главата. Според неговите зборови, жената подоцна била стабилна.
Зек Бејли за 9 News изјави дека тој и другите најпрво помислиле дека станува збор за огномет. Плажата била полна со луѓе, но како што „огнометите“ се множееле, сфатиле дека нешто не е во ред. Во еден момент, виделе илјадници луѓе како трчаат во ист правец, по што тој и неговите пријатели се засолниле во внатрешноста на објектот и се заклучиле во тоалетите, чекајќи ситуацијата да биде ставена под контрола.
Сведоштвата на очевидците ја отсликуваат длабочината на траумата и стравот кои го обележуваат овој напад, што ја потресе австралиската јавност и остави силни последици кај оние што се нашле на местото на трагедијата.



