(Видео) Жичницата на Водно е во ужасна состојба и ќе остане затворена додека не се изврши сервисирање, за да не се повтори ситуацијата од Кочани, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека Жичницата на Водно е во „катастрофална состојба“, по извршената контрола од стране на компанијата „Допелмаер“, која е ангажирана на проектот. Според неговите зборови, инспекцијата открила сериозни недостатоци кои мора да се исправат пред повторното пуштање на жичницата во функција.

„Нема ништо повредно од човечкиот живот, ниту во Скопје, ниту во Македонија, а актуелната состојба датира од неодговорното управување на моите претходници“, рече Ѓорѓиевски. Тој посочи дека по првпат, откако е инсталирана жичницата, извршена е контрола од „Допелмаер“.

„По завршената инспекција, беше констатирано дека жичницата е во многу лоша состојба и дека постојат значителни недостатоци кои треба да се поправат во блиска иднина“, нагласи градоначалникот.

Ѓорѓиевски, во соработка со директорот на Јавното превозно претпријатие Саше Илиески, веќе побарале понуда за комплетна санација и дефектажа. „Нашата намера е да добиеме понуда која ќе ни покаже колку ќе чини целосната поправка и повторното враќање на жичницата во безбедна состојба, за да можат сите, особено децата, без страв да ја користат“, додаде тој.

Тој исто така напомена дека од компанијата очекуваат финансиска пресметка и план со временска рамка за потребните активности. „Веднаш штом добиеме понуда, цената и рокот за завршување на работите, ќе ја информираме јавноста“, рече Ѓорѓиевски.