Не е вложувано во инфраструктурата до зимските центри во државава. Нема ниту паркинзи, а земјата има потенцијал да опслужува повеќе туристи со оглед на тоа што само Попова Шапка и Кожуф имаат повеќе скијачки патеки пресметано во хектари од сите други ски центри заедно на Балканот, тврди Билјана Стефановска, директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот
Нашата цел треба да биде зимскиот туризам да учествува во БДП речиси двојно од сегашниот придонес, тврди таа. Ако се инвестира, парите ќе ни се вратат, додава Стефановска во интервју за „360 Степени“
360 Степени: Што е сега поразлично со оглед на тоа што секторот туризам влезе како гранка во Министерството за култура?
Стефаноска: Новитет е тоа што од 2024 година за прв пат во Македонија имаме Министерство за култура и туризам што е одлично и голема поддршка. Ново е тоа што секторот туризам преминува од Министерството за економија. Практично, само миграцијата е новитет сè останува исто. Сите правила и прописи ќе доаѓаат сега од новото Министерство за туризам, а ние ќе постапуваме по тие правила.
360 Степени: Истите луѓе, истиот принцип на работа?
Стефаноска: Да, истите вработени. Само мигрираат од Министерството за економија во Министерството за култура и туризам. Агенцијата е сè уште владина. Нема некои конкретни информации за некакви промени. Сега за сега функционираме во склоп со министерството затоа што агенцијата е главно за промоција за туристичките производи и дестинација и за поддршка. А поддршката е во делот на субвенционирање на секој дојден турист во Македонија и реализација на мали проекти, обележување на локалитети, пешачки патеки и слични такви мали проекти до 5000 евра.
360 Степени: Конкретно во овој разговор сме насочени кон зимскиот туризам. Падна снег, со тоа нагрнаа туристите во ски центрите, особено во Попова Шапка и Маврово ама и заглавија. Заглавија затоа што непроодни се патиштата, нема доволно паркинг. Може ли така Македонија да развива зимски туризам?
Стефаноска: Се наоѓаме пред големи предизвици. За жал седум години изминатата влада немала фокус кон туризмот воопшто. Па ни во ски центрите. Не се вложувало ниту во инфраструктура, ниту во паркинзи, ниту во достапност туристите лесно да дојдат дотие ски центри. Имаме повеќе ски центри во Македонија. од најпрофесионалните би ги напоменала Маврово и Попова Шапка. Кожуф е исто така голем потенцијал којшто за жал поради инфраструктурата е блокирано и не можеме да дојдеме до тој ски центар. Имавме пред неколку недели отворање на нов ски центар Михајлово во Кавадарци. Би ги напоменла Пониква, Копанки, Пелистер и Крушево. Сите се на одлична локација, блиску до аеродромите во Скопје и Охрид, би додала и Солун. Па така во радиус од четири часа возење мигрираат 30 милиони жители од коишто 1 милион се потенцијални скијачи или сноубордери. Предизвик е за новата Влада да ги поправи тие негативни страни.
360 Степени: Заедничко на сите им е што немаат патна инфраструктура.
Стефаноска: Точно. Ете за Кожуф би напоменала дека во 2006 година била најголемата гринфилд инвестиција, 100% и се вложиле 19 милиони евра. Се направиле системи за вештачко опснежување, топови за снег, канализација, водовод, жичара, два ски лифтови, шестосед кој бил прв на Балканот. Но за жал сето тоа не се развива и не функционира и поради недостапноста немаме како да стигнеме до таму. И тој пат што бил изграден не бил одржуван. Зачи треба да се инвестира и да се обноват тие локални патишта и главно паркинзите. Ете во Маврово бев пред некое време, паркингот не е обележан, лош е, мал е. Попова Шапка исто така. И другите скијачки центри се со истите негативни страни.
360 Степени: Кога ја споменавте Попова Шапка всушност, неколку пати беше ветувано наназад дека тука проблемот може да се надмине со обнова на гондолата од Тетово кон Шапка и со изградба на катна гаража. Ќе се инвестира ли во овие проекти?
Стефаноска: Апсолутно. Апсолутно треба да се инвестира и во новата Стратегија треба да влезе кои проекти…постојат физибилити студии и проекти. Но треба да се виде кое проекти одговараат на Националната државна стратегија и Стратегијата за туризам да влезе во таа Национална стратегија.
360 Степени: Ама и таа ја немаме целосна?!
Стефаноска: За жал три години немаме Стратегија за туризам што е многу негативен аспект на целата наша работа. Не знаеме во кој правец се движиме и кој пат треба да се трасира.
360 Степени: Тоа значи дека нема ниту патоказ за зимскиот туризам ако нема национална стратегија.
Стефаноска: Ние го даваме најдоброто од себе со тие ресурси и тоа што располагаме. Го правиме максимумот и за промоција и за доближување на нашата понуда до странските туристи. Секаде каде што одиме на саем ги промовираме. Македонскиот народ треба да знае дека Македонија има потенцијал да стане европска водечка дестинација за зимски туризам. Нормално после Алпите.


360 Степени: Ама тој потенцијал…еве на пример Маврово, кој е еден од нашите најпознати зимски дестинации секако. Меѓутоа и тој доживеа колапс. Неисчистени патишта, непроодност. Имаше по неколку часови застој. Како гледате дека може да се реши тоа?
Стефаноска: Со вклучување на другите министерства за прочистување на патиштата, исто така Министерството за животна средина треба да има удел. Министерството за транспорт и врски. Значи тим на Агенцијата беше во посета на ски центарот во Маврово. Разговаравме со заедницата и ги кажаа тие негативни страни. Таму нема ниту едно игралиште за дечиња, нема како туристите да се анимираат. Имаат одлични идеи за проекти. Планираат околу езерото да се направи патека за нордиско трчање, каде би се давале бесплатни часови за дечиња и каде би се организирале спортски манифестации. Само така би ја збогатиле туристичката понуда. Но најмногу државата треба да има удел со расчистување на патиштата и доградба на патишта коишто не постојат или се уништени.
360 Степени: Гледајќи го Буџетот и парите наменети за туризам, да поголем е од минатата година, некаде околу 1.2 милиони евра. Доволни ли се овие средства за да се остварат дел од овие визии и проекти коишто ги имате?
Стефаноска: Апсолутно не се доволни. Малку се. Но се надеваме на ребаланск на Буџетот, на подобри времиња. Има некои планови Владата каде што оди чекор по чекор. Сега Буџетот е распределен по сите институции но имаме неофицијална информација дека со ребалансот ќе бидат префрлни повеќе средства за такви проекти или нешто што треба да се заврши или започне некој нов проект. Еве како главен проект би ги напоменала Кожуф и Шар Планина. Тие два скијачки центри заедно имаат скијачки патеки со површина од 4300 хектари. Сите скијачки центри на Балканот заедно да се соберат имаат 4150 хектари. Значи ние можеме да опслужиме за една година…тие може многу брзо да се реставираат и да се спремаат за опслужување на скоро 2 милиони посетители во една скијачка сезона. Тие се огромни суми. Ако земеме во просек дека балканските ски центри продале карти во сезона 2023-2024 и ако се земе просекот на скијачката карта од 42 евра, се доаѓа до сума од 158 милиони евра. Значи во Македонија само Кожуф и Попова Шапка можат годишно да носат прилив од ски карти од приближно 80 милиони евра.
360 Степени: А само 1 милион е определен за туризам?
Стефаноска: Точно. Значи мораме да инвестираме повеќе средства, а тие средства ќе ни се вратат. Мораме да инвестираме проекти и поддршка за зимските центри. Дали се во приватна сопственост или во државна сопственост без разлика, ние во патната инфраструктура мораме да инвестираме. Мораме да инвестираме во системи за вештачко опснежување, во топови з снег. Бидејќи со глобалното затоплување и скијачките патеки се качени малку повисоко, односно снегот на пониските места се топи или има малку снег. Нели по стандардите треба да има минимум 40 центиметри снег за да се одвиваат скијачки активности. Располагаме со услови и на Кожуф и на Попова Шапка. Постојат големи количини на вода кои се главен предуслов за поставување такви системи за вештачко опснежување. Тие се такви бројки и потенцијали коишто треба да ги искористиме. Секоја инвестиција ќе ни се врати. Нашата цел треба да биде зимскиот туризам да учествува во БДП, којшто сега е 4%, а може да биде 7% за период од три години на пример.
360 Степени: Гледајќи го веб-сајтот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризамот, приметивме дека, бидејќи има една секција која покажува каде сè е застапуван туризмот во соседството, Европа и светот, како само во Косово и Албанија да знаат дека имаме зимски туризам. Што се прави за промоција на зимскиот туризам надвор?
Стефаноска: Во право сте. Истото го забележав. Јас сум директор веќе четири месеци. Ги забележав тие детали и моменти. Апсолутно ништо не е промовирано за зимските центри и за зимскиот туризам во Македонија. Главно се кажува каде може да се кампува, каде може да се одвива летен туризам. Но треба малку поголема промоција да се прави. Да имаме промотивни материјали за ски центри. Да имаме една брошура. Во Македонија ги имаме тие ски центри, тие се помали, тие се за рекреативни цели, тие се за професионални скијачки спортови. Да биде сè некако категоризирано и тоа испаѓа дека е на новиот директор да го направи и ќе го направиме.