САД нанеле значителна штета на иранската морнарица, но не успеале да ги поразат клучните сили што Техеран ги користи за контрола на критично важниот Ормуски теснец. Иако конвенционалната морнарица претрпе значителни загуби, паравоениот Корпус на чувари на Исламската револуција успеа да задржи голем дел од својата флота, составена од мали и брзи пловила, специјализирани за асиметрични напади. Аналитичарите извештаваат дека повеќе од 60% од јуришните чамци на гардата остануваат оперативни, што претставува сериозна закана за трговскиот морски сообраќај.
По договорот за привремен прекин на огнот, Иран предупреди дека бродовите кои без дозвола ќе поминуваат низ теснецот ризикуваат уништување, а бројот на пловила во овој коридор драстично се намали. Иран исто така издаде предупредување за можни противбродски мини во главниот канал, што дополнително ја зголеми неизвесноста.
Во меѓувреме, американските разурнувачи за првпат од почетокот на конфликтот повторно поминаа низ теснецот, испраќајќи сигнал дека Вашингтон ја оспорува иранската контрола. И покрај тврдењата на Централната команда на САД дека потопила над 155 ирански пловила, најголем дел од штетата е нанесен на конвенционалната морнарица. Иран изгуби речиси цела флота од поголеми воени бродови, вклучително и фрегати, корвети и дел од подморниците.
Клучниот проблем останува недопрен: мрежата од мали, тешко забележливи пловила на Револуционерната гарда кои можат да напаѓаат со ракети, дронови и мини. Овие единици се распоредени долж крајбрежјето и често се кријат во подземни бази, што ги прави особено тешки за уништување.
Со оглед на фактот дека низ Ормускиот теснец минува околу една петтина од светската нафта, секое ограничување на сообраќајот носи глобални последици. Цените на нафтата веќе надминаа 100 долари за барел, а нападите врз трговските бродови продолжуваат. Иако Иран загуби до 90% од своите поморски капацитети, експертите предупредуваат дека преостанатите сили претставуваат најголема закана. Асиметричната стратегија, развиена по минатите конфликти, му овозможува на Техеран да продолжи успешно да го контролира еден од најважните енергетски коридори во светот.




