Русија започна со распоредување на нови системи за противвоздушна одбрана „Панцир-СМД-Е“ на покривите на цивилни објекти во Москва, што ја потврдуваат снимките објавени од воени аналитичари и украинскиот портал „Милитарни“. На видеоснимка која беше објавена наскоро, се гледа како рускиот хеликоптер „Ми-26“ поставува систем „Панцир-СМД-Е“ на покривот на деловниот центар „Нордстар Тауер“ во северниот дел на градот.
Овој систем е понапредна верзија на рускиот систем за противвоздушна одбрана, дизајниран посебно за борба против дронови и помали воздушни закани. За разлика од претходните модели, новата верзија не вклучува автоматски топови од 30 милиметри. Разработена е да користи два вида ракети – стандардни ракети со дострел до 20 километри и помали ракети, прилагодени за уништување на беспилотни летала на растојание до седум километри.
Според информациите од порталот, системот располага и со современ радарски пакет способен да открива цели на далечина до 24 километри. Русија првпат почна со поставување на системите „Панцир“ на покривите во Москва во 2023 година, откако украински дронови успеаја да достигнат до главниот град. Во тоа време, еден од системите беше инсталиран и на зградата на Министерството за одбрана.
Во меѓувреме, Москва дополнително ја зајакна својата противвоздушна одбрана во околината на градот со мобилни единици и системи префрлени од други региони. Според проценките на „Милитарни“, само во текот на 2023 година, Русија распоредила повеќе од 40 дополнителни системи „Панцир-С1“ околу Москва, додека вкупниот број ново поставени системи од 2023 година надминал 100. Овој потег доаѓа како одговор на засилените украински напади со далекуметни дронови на воени, индустриски и енергетски цели во Русија, при што беспилотни летала неколку пати успеаја да стигнат и до Москва.




