Незадоволството поради изградбата на луксузен туристички комплекс во заштитено крајбрежно подрачје ги изведе граѓаните на улиците во Албанија. Стотици демонстранти вчера протестираа против проектот, за кој медиумите тврдат дека е поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Жителите се обидоа да влезат во ограденото градилиште, аргументувајќи дека нивните имоти биле неправедно одземени преку процес на експропријација. Демонстрантите побараа оставка од албанскиот премиер Еди Рама, обвинувајќи ја неговата влада дека го овозможила проектот преку измени на Законот за заштитени подрачја, усвоени во парламентот во февруари 2024 година. Со овие измени, заштитените зони во Албанија станаа достапни за изградба на туристички комплекси со пет ѕвезди. Критичарите сметаат дека законските промени биле направени токму за реализација на проектот поврзан со Кушнер.
Проектот, чија вредност се проценува на околу четири милијарди долари, односно 3,43 милијарди евра, ќе опфаќа приближно 250 хектари во рамките на мочуришниот и лагунскиот екосистем Нарта–Звернец. Поља изразија огромно противење, и локалните и меѓународните организации за заштита на животната средина.
Инвеститорот, пак, уверува дека сите активности ќе се реализираат согласно законските процедури и дека инвестицијата ќе отвори над 10.000 работни места. Од компанијата најавија правни мерки против секое попречување на проектот. Според албанскиот деловен регистар, компанијата „Звернец Саут Адријатик Девелопмент“, основана во август 2024 година, е во сопственост на холандската компанија „Јуниверзал Пропертис Проџектс БВ“. Локалните и меѓународни медиуми тврдат дека компанијата е поврзана со Кушнер.
Во јануари 2024 година, Џаред Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп ја посетија Албанија за да го презентираат проектот за изградба на луксузен туристички комплекс. Активистите најавија дека протестите ќе продолжат и денес.
Во меѓувреме, српското Обвинителство за организиран криминал поднесе обвиненија против министрите и други функционери за наводна незаконитост при отстранување на статусот на културно добро на зградата на Генералштабот, објект кој за многумина во Србија претставува симбол на настаните од 1999 година.




