Мојсоска: Трагедијата во Кочани е последица на системски недостатоци, а не „несреќа“

Пратеничката Јована Мојсоска од Левица истакна дека трагедијата во Кочани не може да се определи како „несреќа“, туку се работи за последица на децениски системски пропусти. „Кога мајка го губи своето дете, тоа не е несреќа. Несреќата е нешто што не зависи од нас. Оваа трагедија е резултат на систем кој функционира веќе 35 години со јасни недостатоци: дивоградби, фиктивни инспекции, корупција и институции кои молчат во моменти кога ќе требаше да интервенираат. Да не беше упорноста на родителите, Собранието денес немаше ниту да разговара за Кочани. И тоа е најголемиот срам – што жртвите мораат да се борат за да ги натераат институциите да работат,“ нагласи Мојсоска.

Таа исто така потсети дека девет месеци по трагичниот пожар, нема ниту една законска измена која би можела да спречи слични инциденти. „Законот за угостителска дејност се најавува со месеци, инспекциските контроли завршуваат со празни извештаји, а институциите продолжуваат да се кријат зад формалности наместо да покажат вистинска одговорност. Барањето одговори не е злоупотреба. Злоупотреба е кога со години се дозволува да функционира ‘дискотека на смртта’, кога инспектори примаат мито, кога началници игнорираат прекршоци, а политичката одговорност – е непостојна,” истакна таа.

Во своето обраќање пред Анкетната комисија, Мојсоска нагласи дека тука е станува збор за системска, а не индивидуална вина, и дека гласот на родителите мора да биде чувствуван. „Македонија има изгубено повеќе деца во системски трагедии отколку што една држава губи во војна. Тоа мора да престане,“ заклучи таа.