(Видео) Мицкоски го штити министерот за земјоделство од интерпелацијата на СДСМ: Немаме доверба во нив да бараат оставки

Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени интерпелацијата поднесена од СДСМ за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски како неоснована и безразлична, истакнувајќи дека аргументите на опозицијата немаат логика. „Сметам дека интерпелацијата воопшто нема основа, особено во светло на наведените тврдења. Имајќи предвид каква политика СДСМ води кон земјоделците, со неисплатени плати во Националните шуми и долгови, тие навистина немаат основа да зборуваат за оставка или интерпелација,“ изјави Мицкоски.

Тој додаде дека иако интерпелацијата е легитимен демократски инструмент, е уверен дека министерот Трипуновски ќе ги изнесе своите аргументи и ќе одговори на обвинувањата. „Во демократијата постојат такви алатки. Уверен сум дека министерот ќе ги претстави своите аргументи, но моето мислење е дека оваа интерпелација е апсолутно безпредметна,“ рече премиерот.

Прочитајте и:  Ryanair може да се соочи со значителни казни поради контроверзните такси за седишта.

Претходно, СДСМ поднесе интерпелација за работата на министерот Трипуновски, обвинувајќи го за „системска корупција, злоупотреба на службената положба и катастрофални политики“ кои, според нив, довеле до колапс на земјоделството. Од партијата истакнуваат дека биле кратени субвенции, укинати програми и суспендирани европски фондови, со што илјадници земјоделци останале без поддршка. Исто така, наведуваат и случаи на корупција кај најблиските соработници на министерот, како и сериозни проблеми со функционирањето на институциите во оваа сфера.

Интерпелацијата е поднесена во Собранието и се очекува да биде предмет на расправа во блиска иднина.