Протест на културните работници пред Македонската опера и балет
Синдикатот на културата повторно организираше протест, овој пат пред Македонската опера и балет, зборувајќи за, како што нагласуваат, потценетиот труд и непочитувањето на вработените во културната сфера. Причината за протестот е намерата да се укине Колективниот договор за култура, што предизвика конфликт помеѓу државата и вработените во овој сектор.
Додека пред објектот пристигнуваа гости кои чекаа да влезат на настанот, уметниците и културните работници демонстрираа со транспаренти во рацете. Меѓу двете страни беше распоредена полиција, која го обезбедуваше протестот.
На транспарентите беа испишани различни пораки: „Секоја улога носи години труд на грб“, „Уметниците треба да живеат од својата работа“, „Почитта кон трудот на уметникот се покажува со дела“, „Трудот во културата не е трошок“, „Аплаузот не плаќа сметки и уметникот е работник“, „Ова што ќе го гледате и слушате вечерва е труд, не е привилегија“, „За вашето уживање во гледалиштето стојат работнички права зад завесата“.
Некои од пораките беа директно упатени и кон министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. На еден од транспарентите пишуваше: „Љутков, твоите колеги ќе помнат дека ја уби културата“, придружено со илустрација која симболизираше „мртов“ колективен договор.




