(Видео) Кузеска најави „разоткривање“: СДСМ обвинува дека ДПМНЕ преку медиумски манипулации широчи лаги и дезинформации.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, најави дека денеска ќе бидат откриени начинот на работа на „медиумските кујни“ на ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, овие платформи систематски генерираат лаги, лажни информации и манипулации, со цел да го одвлечат вниманието на јавноста и да ја извртуваат вистината.

Кузеска истакна дека секогаш кога власта се соочува со криминал, скандали или, како што се изрази, „предавства“ – со што ги подразбира договорите за мигранти – се активира механизмот за дефокусирање на граѓаните преку медиумски напади. Според неа, тоа беше видливо и во последниов период, кога три теми владееја во јавноста: објавувањето на „бомбите“ од Антикорупцискиот тим на СДСМ, за наводни криминални тендери на ВМРО-ДПМНЕ, договорот за мигранти и нападот на новинарите од „Инфомакс“.

Таа нагласи дека професионалните медиуми известувале точно и објавувале ставови на сите засегнати страни. Сепак, медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, систематски ги игнорирале позициите на опозицијата, како и сите негативни информации за власта. Наместо тоа, пласирани биле текстови со полувистини и манипулации, со цел да се „поклопат“ теми што не ѝ одговараат на власта.

Прочитајте и:  (Видео) Двократниот шампион се повреди и се повлече од Тура на Франција

Кузеска посочи конкретен пример од 10 ноември, кога, како што тврди, само десет минути по прес-конференцијата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, започнала координирана медиска офанзива. Наместо да се пренесе содржината на прес-конференцијата, нарачани текстови тврделе дека Филипче „избегал“ разговор, а СДСМ манипулира со темата за мигрантите, без да пренесат што било кажано на настанот.

Според неа, во тие објави немало ниту збор за ставовите на СДСМ за мигрантите или осудата на нападот врз новинарите. Кузеска тврди дека резултатот бил повеќе од 70 различни објави во еден ден, насочени против СДСМ и Филипче, целосно одвлекувајќи го вниманието на јавноста.

Таа оцени дека овој модел е познат и потсетува на практиките од времето на Никола Груевски, со лажни вести, манипулации и напади врз новинари. „Ова е начин на кој власта се обидува да ја измени реалноста и да ги одвлече вниманието на граѓаните“, заклучи Кузеска, најавувајќи дека јавноста ќе добие увид во конкретни примери и анализи.