(Видео) Кошта не понуди нови гаранции за Македонија: Прво исполнете го договореното.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека Македонија мора да ги исполни обврските од 2022 година ако сака да ги отвори формалните пристапни преговори со Европската Унија. Тој нагласи дека не постои можност за нови преговори или измена на веќе постигнатата рамка.

На прашањето од новинарите дали Европскиот совет може да понуди дополнителни гаранции поврзани со билатералните и идентитетските прашања, Кошта повторно се држеше до ставот на ЕУ, нагласувајќи: „Договореното е договорено. Треба да испорача што е договорено и ништо повеќе од тоа.” Тој потенцираше дека процесот на проширување напредува врз основа на заслугите на кандидатите, кои веќе се движат низ различни фази на преговорите.

„За формално отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, потребно е да се исполнат условите од 2022 година,“ додаде Кошта.

Тој не даде јасен одговор на прашањето дали Европскиот совет може да усвои заклучоци кои би служеле како гаранции за Македонија, но наведе дека таква можност може да се разгледа по исполнувањето на обврските. „Надам се наскоро да имаме услови да донесеме вакви заклучоци, но тоа зависи од Северна Македонија,“ рече Кошта.

Неговите изјави доаѓаат во момент кога во Македонија повторно се расправа за уставните измени, кои се предуслов за отворање на следната фаза од пристапниот процес со ЕУ. Со пораката дека „договореното е договорено,“ Кошта практично потврди дека Брисел останува на позициите од 2022 година и дека очекува земјата да ги реализира своите обврски пред да се преговара за какви било дополнителни политички гаранции.