По упатство на градоначалникот Митко Јанчев, Општина Кавадарци упати помош за граѓаните на Кичево, кои се соочуваат со последиците од поплавите што преминаа преку нивните домови. Според информациите од Јанчев, на терен се испратени две противпожарни возила со вкупно шест пожарникари и шест пумпи, како и дополнителна опрема која е неопходна за испумпување на водата и за санирање на последиците.
„Солидарноста е нашата најголема сила – кога е најтешко, заедно сме на терен“, истакна градоначалникот Јанчев. Со оваа акција, Кавадарци се приклучува на напорите за помош на семејствата во Кичево, каде по интензивните врнежи, бројни домови, дворови и инфраструктурни објекти беа поплавени. Локалните служби продолжуваат со активностите за расчистување на теренот и стабилизирање на ситуацијата.




