Никола Груевски, во својата објава на социјалните мрежи, истакнува дека непостоењето казни за лажни и неосновани обвиненија сериозно ја нарушува довербата во институциите и правниот систем. Спомена и случајот со Митко Чавков, за кого се изрази дека постапил „чесно, доблесно, човечно и достоинствено“.
Тој тврди дека во нашата држава и понатаму постои така наречена „ментална матрица“, наследство од поранешните безбедносни структури, обвинителството и судството, која овозможува фабрикување обвиненија и прогон на невини граѓани. Груевски во својот напис укажа дека најголема грешка по осамостојувањето била недостатокот на одговорност за злоупотребите на системот во минатото. Според него, вистинската реформа не може да се реализира без темелни истраги и соодветни санкции за поединци кои ја злоупотребувале својата службена позиција за политички и лични интереси.



