(Видео) Гризман со солзи во очите се опростува од навивачите на „Метрополитано“

Антоан Гризман го одигра својот последен натпревар во дресот на Атлетико Мадрид на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид. Во претпоследното коло, тој со капитенската лента го предводеше тимот до победа над Џирона со резултат 1:0.

По завршувањето на натпреварот, Гризман беше пречекан со шпалир од своите соиграчи и со громогласен аплауз од навивачите. Многу од присутните не можеа да ги задржат солзите, вклучувајќи го и самиот Гризман.

Овој натпревар имаше посебно значење, бидејќи Гризман го одигра својот 500-ти натпревар за клубот и забележа 100-та асистенција. По неговата акција, Адемола Лукман го постигна единствениот гол во 21-та минута.

Сега останува да се види дали Гризман ќе биде во составот за последниот натпревар, кога Атлетико ќе гостува кај Виљареал.

На крајот од оваа сезона, 35-годишниот Гризман го напушта Атлетико Мадрид и ќе се пресели во Орландо.

Гризман е вистинска легенда на Атлетико. Има одиграно 500 натпревари за клубот и е најдобриот стрелец во неговата историја со 212 голови, плус 100 асистенции. Со клубот освои Лига Европа, Суперкупот на УЕФА и Суперкупот на Шпанија. Исто така, тој е запишан во историјата како стрелец на првиот гол на новиот стадион „Метрополитано“.

фото/ епа

Ова е втор престој на Гризман во Атлетико, каде што помина вкупно десет години. Првичната негова селба во клубот беше во летото 2014 година од Реал Сосиедад за 34 милиони евра.

Пет години подоцна, беше продаден на Барселона за 120 милиони евра. По две години, се врати прво на позајмица, а потоа и трајно во 2023 година, кога Атлетико за него плати 22 милиони евра.

фото/ епа