Со денови во Албанија се одржуваат масовни протести поради намерите на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, да изгради луксузни туристички комплекси на заштитеното крајбрежје Звернец и на ненаселеното островче Сазан. Демонстрантите во Тирана се соочија со полициски кордони пред владината зграда, обвинувајќи го премиерот Еди Рама дека го „продава националното богатство“ и дека неговата влада нетранспарентно ги изменила законите за да дозволи изградба во заштитени природни области.
Проектот е развиен од американската инвестициска компанија „Афинити партнерс“, која ја основал Кушнер. Според планот, се предвидува изградба на луксузен туристички комплекс во чувствителното крајбрежно мочуриште Вјоса-Нарта, дом на фламинга, морски желки и други заштитени видови. Само инвестицијата на островот Сазан се проценува на околу 1,4 милијарди евра.
Десетици еколошки организации веќе се противат на проектот, предупредувајќи дека изградбата може да ја загрози биолошката разновидност во едно од ретките недопрени подрачја во Европа. Протестите се интензивираа по поставувањето на бодликава жица од страна на инвеститорите, што го ограничува пристапот до плажите во областа. Активистите пријавиле и траги од тешка механизација и булдожери кои работеле во крајбрежните песочни дини.
Во текот на протестите се случија инциденти, при што приватни обезбедувачи нападнале дел од демонстрантите. По ова, албанските власти суспендираа неколку полицајци и им ги одзеле лиценците на две приватни компании за обезбедување. Албанското Специјално обвинителство за борба против корупција и организиран криминал отвори истрага за потеклото на средствата што се користат при купувањето и препродажбата на земјиштето поврзано со проектот.
Премиерот Рама ги брани инвестициите, оценувајќи ги како можност за развој на туризмот и привлекување странски капитал. Тој ги отфрли обвинувањата дека проектот добил привилегиран tretman поради неговите врски со администрацијата на Трамп. Кушнер ги прикажува плановите како една од најголемите приватни инвестиции во историјата на регионот, со амбицијата да ја направи Албанија една од најатрактивните туристички дестинации на Медитеранот. Сепак, демонстрантите најавија дека протестите ќе продолжат сè додека владата не ги повлече спорните проекти.




