(ВИДЕО) Државата потроши 811 илјади евра без да провери дали ја добила платената услуга

Од колачот за платено политичко рекламирање парче добија 150 интернет-портали и тоа само за последните парламентарни избори. Рекламите ги нарачуваат партиите, а се плаќаат од државниот буџет

Настрана што не беа земени предвид повиците од новинарските здруженија и од работната група во Правда, за укинување на финансирањето на рекламирањето со народни пари, туку и на овие избори немаше контрола – дали услугата за која се плаќа со државни пари е реално испорачана. Дали нешто ќе се преземе во пресрет на следните избори

Ако во интернет-пребарувач ја внесете адресата на порталот istok3.mk или на procitaj.mk, ќе дојдете до сознание дека овие интернет-страници не се достапни. Ако, пак, ја отворите страницата diasporapress.dk и внимателно ги разгледате нивните содржини, ќе дојдете до сознанието дека сајтот не објавува содржини секој ден, а и на него нема ниту една реклама.

И покрај овие показатели кои укажуваат дека не станува збор за етаблирани портали, istok3.mk добил 683, а procitaj.mk 748 евра за парламентарните избори, државни пари кои за платено политичко рекламирање одлучила кај нив да ги потроши СДСМ. diasporapress.dk, портал кој патем е регистиран во Данска, успеал да заработи 2 000 евра за изборите и тоа преку државниот дел од колачот за реклами кој и припадна на коалицијата „Вреди“.

фото: „360 степени“

Па, прашавме во СДСМ, како одлучиле да се рекламираат на овие два портала. Особено што istok3.mk бил регистиран непосредно пред изборите. И покрај ветувањата, одговор не добивме.

И кај „Вреди“ се обративме со слично прашање – како и зошто избрале да се рекламираат на портал кој нема секојдневни објави?

„Коалицијата ‘Вреди’ за претседателските и парламентарни избори имаше активна кампања со дијаспората со цел да ја мотивира што помасовно да земе учество на денот на гласањето. Во таа насока, Централниот изборен штаб го димензионираше медија закупот“,

велат од коалицијата „Вреди“.

Се обидовме да ја добиеме и другата страна – како овие портали успеале не само да се пријават, туку и да добијат нарачки за платено политички рекламирање?

Од компанијата „Маки Медиа“ која е сопственик на посталите „istok3.mk“ и „procitaj.mk“ ни рекоа дека порталите не им функционираат поради технички проблеми. Штом ги отстранат, повторно ќе бидат достапни. Сопственикот Кирил Манасиев тврди дека професионално ги извршиле услугите за време на кампањата. А тоа што порталите се регистрирани непосредно пред почетокот на кампањата, според него, не значи нивно наменско отворање. 

Пробавме да ги контактираме и diasporapress.dk, зад кои всушност стои здружението на граѓани не од Данска, туку од земјава – „Греен форум“ од Тетово, кои се регистрирани во мај 2023 година. Но телефонскиот број што го оставиле во ДИК беше исклучен.

Случајно или не, претседателот на здружението има исто име и презиме со лице од Тетово кое на „Фејсбук“ напишало дека работи во Општина Тетово од 2022 година, а на својот профил редовно ги реобјавува активностите на Билал Касами – градоначалник на Тетово и дел од коалицијата „Вреди“.

СЕ Е РЕГУЛАРНО НА НЕРЕГУЛИРАНИОТ ТЕРЕН

Ако се разгледаат законските и подзаконските акти, ниту еден од овие портали, а и нивните клиенти, не се огрешиле пред законот. Сè што треба еден портал да направи за потенцијално да дојде до реклами за избори е зад него да има фирма регистрирана во земјава, да поднесе извештај за тековната состојба од Централниот регистар не постар од 30 дена и да изготви и поднесе ценовик.

Со тоа, порталот влегува во регистарот од кој потоа партиите можат да бираат каде ќе се рекламираат, зависно од нивните проценки. Сметката, на крај, се плаќа од државниот буџет односно со народни пари. Но, проблемот е што никој не проверува – дали е испорачана платената услуга.

Дел од порталите го следат стандардот во индустријата и нудат цена по илјада импресии, односно број на појавувања на екранот на читателите. За доказ, на пример дека реализирал нарачка од 300 000 импресии за една партија, од порталот на крајот од процесот се бара табела на реализирани импресии по ден, фотокопија од фотографија од екранот од секој ден додека траела кампањата и изјава дека податоците се точни. Овие документи, во суштина, не докажуваат ништо бидејќи лесно можат да се лажираат, а никој нема надлежност да ги провери системите за реклами на порталите – дали навистина го испорачале бројот на импресии, односно на појавувања на банерите, колку што им биле платени.  

ЦЕНОВНИК ПО ИМПЕРСИИ

Дел од поралите, пак, нудат цена за дневен или неделен закуп, независно дали имаат по една или по десетици илјади посети дневно, како што имаат етаблираните портали. На крај и тие поднесуваат слична документација како порталите со ценовници со импресии. И тие можат, ако сакаат, да ги лажираат извештаите. И никој нема да ги провери.

Неделен ценовник / фото: „360 степени“

Се разбира, во земјава има неколку десетици портали со доволно публика за да испорачаат големи кампањи како за изборите. Тоа што „смрди“ во целата ситуација е што колачот од 811 илјади евра го поделија дури 150 различни портали, од вкупно 251 колку што беа регистрирани. 

Зошто никој не мери како што се мерат телевизиите и радијата – колку и какви реклами испорачале порталите и колку треба да им се плати?

Од Државната изборна комисија, која во моментов е надлежна да ги проверува документите што ги доставуваат порталите, бараат изземање од процесот. Според нив, имаат законска надлежност да организираат и спроведиваат избори, а не да учествуваат во изготвување регистар и исплата на медиуми, а камоли и мерење.

„Покрај законските ограничувања, ДИК објективно нема кадровски и стручен потенцијал и капацитет бидејќи ДИК не е финансиска институција и регулаторно тело и за финансиските трансакции медиумите не се поврзани со организација и спроведувања на избори, туку медиумите и нивното финансирање се друг дел од чинителите во изборите кои не се поврзани со соработка и надлежности на ДИК“,

велат од ДИК.

ЗНМ и АВМУ СЕ ЗА УКИНУВАЊЕ НА ДРЖАВНОТО ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКОТО РЕКЛАМИРАЊЕ

Едно од прашањата кои го кочат потенцијалното мерење на порталите е што тие, по закон, и не се медиуми. Така што, гужвата ја користи кој стигне, нотираат и од Здружението на новинарите на Македонија.

„Прво се инфилтрираат, би рекол, натрапници односно таканаречени онлајн-медиуми кои се фантомски медиуми, кои се формираат пред да се случи кампањата, меѓутоа и онлајн-медиуми кои можеби постојат и претходно, но се со сомнителна сопственичка структура и дел од новинарската професија има претпоставка дека зад нив стојат одредени политички фигури или бизнис-интереси. На тој начин јасно моделот што сега го имаме за жал се злоупотребува делумно со цел тие таканаречини онлајн медиуми да прават штета не само на кредибилните онлајн-медиуми, туку потенцијално да го нарушат и кредибилитетот на самиот изборен процес“,

смета Драган Секуловски – извршен директор на ЗНМ.

Драган Секуловски – извршен директор на ЗНМ / фото: „360 степени“

Од ЗНМ принципиелно се против државниот буџет да ги плаќа кампањите на партиите. Но, кога веќе нема конзенсус за тоа да се прекине, повикуваат на измени во Изборниот законик со кои ќе се воведе мониторинг и на порталите.

Тој, досега, практично и не беше можен бидејќи порталите не беа медиуми. Но, со најавените измени на Законот за медиуми, тоа ќе се смени. Секуловски додава дека не станува збор за тврда регулација, туку минимална.

„Кога станува збор за регулирање на онлајн-медиумите, не би сакал да настане дилема дека станува збор на медиумска содржина. Тоа не е прифатлива опција. Туку, станува збор за нотифицирање кој медиум исполнува одредени услови да биде дел од одреден регистар, а тие што се дел од регистарот да можат да користат потенцијални јавни фондови како што се фондовите за платена политичка програма. Тоа не значи дека онлајн медиумите што не ги исполнуваат тие услови нема да постојат повеќе или ќе престанат да функционираат, но сепак тие што ќе ги исполнуваат тие услови ќе имаат одреден тип на бенефит, а тоа е да бидат дел од оние онлајн медиуми кои на еден начин се потрудиле да ги имаат тие критериуми исполнети и со тоа ги исполнуваат т.н. правила за да користат платена политичка програма“,

вели Секуловски.

Здружението на новинарите не е само во ставот дека државата не треба да плаќа за политичкото рекламирање. Така мисли и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, Агенцијата за аудио и аудио визиуелно медиумски услуги се на ставот дека не треба да има државно финансирање на платеното политичко рекламирање. Тука од старт се елеминират сите недоследности што се јавуват последниве изборни циклуси. Во последниот извештај на Државната комисија за спречување на корупција за ризици од корупција за време на изборниот процес токму беше наведено државното рекламирање. Државната изборна комисија нормално ниту има капацитет, ниту надлежност да врши мониторинг на порталите или на другите медиуми“,

смета Зоран Трајчевски – директор на АВМУ.

Зоран Трајчевски – директор на АВМУ / фото: „360 степени“

Но, кога веќе државата го финансира политичкото рекламирање на интернет-порталите…

„Логично би било кога би имале регулирање на порталите во законот за медиуми, регулирање на правилата кој од порталите ги исполнува условите за да може да емитува платено политичко рекламирање и Агенцијата да добива соодветни финански средства да може да врши надзор врз порталите и врз социјалните мрежи. Но, за сето тоа, како што кажав, треба да има законска регулатива усогласена со правилата на Европска Унија, финански средства и човечки потенцијал. Во моментов немаме ниту еден од овие услови исполнети“,

додаде Трајчевски.

Значи, ако се создадат законски и материјални услови, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиусмки услуги се спремни за мониторинг и на порталите. Но, како да се прави тоа е друго прашање.

ЕКСПЕРТСКИ ПРЕПОРАКИ

Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС, неодамна организираше конференција на тема „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија – јавни пари во онлајн политичко рекламирање.“ Дебатираа претставници на државни институции, граѓански организации, домашни и меѓународни експерти. Сем Пауер, кој е меѓународен експерт за политичко и партиско финансирање, даде неколку препораки за подобрување на транспарентноста при државното финансирање на политичкото рекламирање на интернет.  

Сем Пауер – меѓународен експерт за политичко и партиско финансирање / фото: „360 степени“

„Првата е да се ревидира распределбата на средствата од државната поддршка. Кој ја добива државната поддршка и колку државна поддршка се добива? Да се ревидираат барањата за транспарентност и пристап до информации. Да се назначи тело за мониторирање на активноста на интернет-порталите. Да се осигура дека привремени извештаи за кампањата се електронски испратени и подложни на ревизија од едно тело. И да се работи со експерти за вештачка интелигенција за да се пилотира користењето на автоматизирани алатки за усогласување“,

вели Сем Пауер – меѓународен експерт за политичко и партиско финансирање.

Ако нешто не се измени, првата следна шанса за некој преку интернет-порталите да се офајди од парите на граѓаните наменети за политичко рекламирање се локалните избори што треба да се одржат в година. Ќе им дозволи ли државата и натаму регуларно да заработат на нерегулиран начин?

- Реклама -