Нова епизода во конфликтот помеѓу Реал Мадрид и Ла Лига се случи во саботата, откако „кралевите“ жестоко ја обвинија лигата дека судиите се против нив. Во натпреварот од 24. коло, одигран во Памплона, Реал одигра 1:1 против Осасуна, а контроверзии не изостанаа.
Реал од 39. минута играше со играч помалку, откако Џуд Белингем доби директен црвен картон поради приговор до главниот судија Хосе Мунуера Монтеро. Шпанските медиуми подоцна објавија што точно му рекол Белингем на судијата.
„Ти се обраќам со почит, е*и се“, биле зборовите на англиски што Англичанецот му ги упатил на арбитерот, според информациите од теренот.Веднаш по исклучувањето, судијата му ја пренел ситуацијата на капитенот на Реал, Лука Модриќ.
Овој црвен картон предизвика бурни реакции во шпанската фудбалска јавност, а Реал повторно ја засили критиката кон судењето во Ла Лига, тврдејќи дека одлуките неконзистентно се применуваат. Белингем,кој е еден од најдобрите фудбалери на Реал оваа сезона,сега се соочува со потенцијална суспензија,што може да биде голем удар за тимот на Карло Анчелоти во борбата за титулата.
Дополнително, ова не е првпат Реал да влезе во конфликт со судиите оваа сезона. Претходно, клубот веќе неколкупати се жалеше за арбитражните одлуки што, според нив, им нанесуваат штета во клучните моменти на сезоната. Ваквите контроверзии само дополнително го загреваат ривалството меѓу Реал Мадрид и челниците на Ла Лига, а останува да видиме каков ќе биде епилогот на оваа ситуација.




